| четврток, 6 декември 2018 |

Регионален состанок во Москва, поддржани предлозите на ФФМ

Раководните луѓе на Фудбалската федерација на Македонија присуствуваа на регионален состанок на фудбалските асоцијации во Москва.

20160608133327

Руската фудбалска асоцијација во Москва беше домаќин на регионалниот состанок на фудбалските асоцијации на кој присуствуваа претставници на федерациите од Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Кипар, Грција, Македонија, Црна Гора, Романија, Турција, Србија и Словенија.

Фудбалската федерација на Македонија ја претставуваа претседателот Илчо Ѓорѓиоски, потпретседателот Мухамед Сејдини и генералниот секретар Филип Поповски.

На состанокот во Москва свое обраќање пред присутните имаше претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Илчо Ѓорѓиоски. Првиот човек на ФФМ, меѓудругото истакна:

-Заедништвото и тимската работа е основа за остварување на големи цели. Единствено ако се држиме заедно ќе бидеме силни и ќе можеме да влијаеме во случувањата во фудбалот на меѓународен план. Ја користам оваа прилика да побарам од вас заеднички да поддржиме еден кандидат за следниот изборен циклус на УЕФА. Сметам дека новиот претседател на УЕФА треба да биде еден од нас. Свесен сум дека за ова прашање имаме различни мислења и гледишта, што не е спорно, меѓутоа како група сметам дека мораме да истапиме со заеднички предлог за претседател на УЕФА. Или сме тим или не, или ќе имаме меѓусебна доверба или ќе немаме. Нашето мислење е дека треба да му дадеме поддршка на Александар Чеферин како наш кандидат од причина што истиот е успешен и почитуван правник, претседател на Фудбалската федерација на Словенија, семеен човек, а што е најважно, Александар Чеферин е еден од нас. Мислам дека ова е единствена шанса идниот претседател на УЕФА да биде токму од нашиот регион. Мора да бидеме мудри и единствени за да ја искористиме оваа можност која ни се укажува на сите нас, истакна Ѓорѓиоски во обраќањето пред присутните.

Раководните луѓе на асоцијациите присутни на регионалниот состанок во Москва му дадоа едногласна и единствена поддршка на претседателот на Фудбалскиот сојуз на Словенија, Александар Чеферин во неговата кандидатура за претседател на Уефа.

Учесниците на регионалниот состанок се уверени дека станува збор за најдобриот кандидат за местото лидер на европското фудбалско семејство.
На регионалниот состанок како една од клучните точки повторно беше поставено прашањето кое Фудбалската федерација на Македонија го презентираше пред Уефа, а се однесува на регионалната фудбалска лига и евентуалниот почетокот на натпреварувањето од сезоната 2018/19.

Регионалната лига веќе наиде на позитивни реакции од Уефа и Националните асоцијации, а идејата е клубовите да одиграат многу повеќе меѓународни натпревари и доколку испаднат од квалификациите за Европските купови, проблем со кои се соочуваат речиси сите екипи од окружувањето и да им се даде нова можност за квалитетни натпревари кои предизвикуваат интерес кај јавноста и публиката на стадионите.

Исто така, во Москва се разгледуваше и прашањето околу регионални младински натпреварувања, а за таа цел се формираше работна група која треба да го утврди моделот и начинот на натпреварување меѓу младинските тимови од регионот (првичните претпоставки се дека во таа конкуренција би играче тимови до 17 години). Работната група ја сочинуваат Филип Поповски, генерален секретар на ФФМ, Генералниот секретар на Фудбалската федерација на Русија, Александар Алаев, како и Јилдерим Северџи, член на У.О. на Турската фудбалска Федерација.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top