| четврток, 6 декември 2018 |

Кајмакоски: Овие две дечиња заслужуваат шанса, донацијата е на вистинското место

Македонскиот пејач Даниел Кајмакоски денеска донираше 25.000 евра за лекување на седумгодишниот Александар и десетгодишната Мартина Додевски од кумановската населба „Иго Тричковиќ“ кои боледуваат од цироза на црн дроб. Паричната награда Кајмаковски ја освои во музичкото шоу „Твоето лице звучи познато“ ќе биде наменета за трансплантација на црниот дроб кај Александар која треба да се изврши во Турција и за која се потребни 100.000 евра.

untitled25454848748749845645

Кога прочитав за ова семјество знаев дека тука ќе ја донирам наградата, иако поминав низ тежок пат до конечната одлука, разгледав повеќе случаи на лица кои имаат потреба од помош. Дефинитивно сметам дека донацијата отиде на вистинско место, овие две дечиња заслужуваат шанса и се прекрасни, јас сум пресреќен што имав прилика да ги запознаам. Сакам уште еднаш да ги повикам сите Македонци и сите луѓе да ми се придружат во оваа акција и едноставно да ја покажат својата хумана страна, бидејќи заедно сме многу посилни и многу побрзо ќе можеме да постигнеме тоа што го сакаме, рече Кајмакоски.

Мајката на децата Јасмина Додевска, која е самохран родител, рече дека е благодарна за овој хуман гест на Кајмакоски и изрази надеж дека многумина ќе го следат неговиот пример.

– Многу сум му благодарна на Даниел што одлучи токму на моите дечиња да им ги подари парите, како мајка сакам да ги гледам здрави и среќни децата, рече Додевска.

Таа информираше дека донатор за трансплантација на црн дроб е пронајден и дека во овој период се вршат испитувања.

– Од Фондот за здравствено осигурување на Македонија, исто така имаме најави дека ќе ни помогнат, потребно е само да ја доставиме целокупната документација, изјави Додевска.

Четиричленото семејството Додевски со три малолетни деца кои самохраната мајка, Јасмина Додевска ги издржува со 13.000 денари помош која ја добива по основ на додаток за децата. Таа се бори со болеста на Александар која е откриена пред неполна година. Од истата болест која е генетски предизвикана, боледува и Мартина, но кај Александар состојбата многу побрзо се влошува, за што е потребна итна трансплантација, која ќе се изврши во Турција и чини околу 100.000 евра.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top