Годинава Рациново признание ќе добијат двајца млади македонски прозаисти, Сашо Димоски за романот „Петтото годишно време“ и Владимир Јанковски за романот „Невидливи љубови“.
Наградите ќе им бидат врачени на свеченото затворање на 53. Рацинови средби на 10 јуни во Народниот театар во Велес.
Како што соопшти на прес-конференција директорот на манифестацијата Васил Зафирчев, ваквата одлука на 4 јуни годинава ја донела жири-комисијата во состав Димитрие Дурацовски, претседател лауреат од 2015 и Јелена Лужина и Елизабета Шелева, членки. Во конкуренција биле 17 романи.
– Најинтригантните книги пријавени на годинашниот конкурс – најиновативни во форма, структура и содржина, како што стои во конкурсните одредби, ги имаат напишано токму најмладите македонски прозаисти, истакна проф д-р Лужина, додавајќи дека годинашното Рациново признание ја поддржува и афирмира токму најмладата македонска проза.
Добитникот на наградата Сашо Димоски рече дека наградата значи да се живее, мисли, расудува, гради и создава во духот на она што Рацин го поставува како стандард, а тоа е евулуцијата на мислата во насока на создавање нови полиња на помислување и пласирање на мислата, погледи на внатрешниот свет негова артикулација во форма на книжевност.
И Владимир Јанковски е почестен со наградата. Смета дека тоа не треба да се сфати како заокружување, туку како мотивација за освојување друга, дополнителна вредност.
– Нема добар и квалитетен македонски писател кој се има вградено во македонската култура и историја, а да го нема добиено „Рациновото признание“ за проза. Ставањето во таа книжевна и уметничка вертикала за мене претставува од една страна голема чест, а од друга, одговорност да продолжам со пишувањето и во следната книга да се обидам да бидам подобар – потенцира Јанковски.
Наградата „Почесно Рациново признание за 2016“ за афирмација на македонската литература и јазик надвор од Македонија ја доби проф. д-р. Борислав Павловски од загрепскиот Филозофски факултет на Катедрата за македонски јазик и литература, а во конкуренција за оваа награда биле и проф. д-р Ала Генадјевна Шешкен од Русија и проф. д-р Манита Субјото од Словенија.
Борислав Павловски (66), кој по потекло е од Македонија, а живее и работи во Загреб, објавил педесетина научни трудови меѓу кои и неколку посветени на животот и делото на Кочо Солев Рацин, три научни книги, две авторски антологии придружени со опширен поговор, една антологија во коавторство и книга поезија на Константин Миладинов.
Во соработка со македонските колеги изработил прирачник за студиумот на македонската литература, подготвил два помали хрватско-македонски и македонско-хрватски речника. Од македонски јазик превел 21 драма, за најафирмативните хрватски издавачи превел 13 репрезентативни македонски романи, а за својата работа има добиено многи награди и признанија.
И оваа награда на Борислав Павловски „Почесното Рациново признание за 2016“ ќе биде доделена на свеченото затворање на 53. Рацинови средби.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.