„Рациновотот признание“ годинава му е доделено на писателот Илхами Емин за делото ,,Ѕид што си оди“, издание на „Магор“ од Скопје. Наградата ќе му биде врачена на затворањето на јубилејните 50. „Рацинови средби“ на 12 јуни, во програмскиот дел со наслов ,,Мугри“, кога ќе се врачи и почесното „Рациново признание“ на романскиот писател Јон Деаконеску, за афирмација на македонската култура надвор од границите на земјата. Жирито наградата ја доделило со мнозинство гласови.
– Најновото дело на Илхами Емин се одликува со модерна раскажувачка постапка. Ги обработува темите на нашето минато и современост. Тоа што го издвојува од другите е оригиналниот методолошки пристап и израз на книжевното писмо – рече академик Милан Ѓурчинов во образложението за наградата, кој беше дел од жирито во состав Kатица Ќулавкова, Ферид Мухиќ, Ресул Шабан и Христо Петрески.
– Во мојот долгогодишен живот овој ден е најсреќен. Поминав четири политички општествени системи. Тешко ми е да зборувам за себе, оставам другите да го прават тоа. Наградата е исклучителна, поскапа од сè. Ја имам добиено најголемата награда на туркофонијата во Туркменистан пред десетина години. Рацин за мене е најчистата авторска фигура и личност во македонското творештво и историја. Без никаква дамка. Kај него постои нешто што е реткост и за светската литература. Тоа е дека тој почнува од почвата од каде што се слушнал неговиот прв плач за да изникне во високо интелектуална личност. Очекувам дека допрва да биде признаен како сопствена универзална хуманистичка вредност. Тој не е гордост на сите жители на Македонија, туку и на светскиот хуманистички еснаф, но и на мислата – рече Емин.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.