| четврток, 6 декември 2018 |

„Продиџи“ доаѓа на „Егзит“

Фестивалот „Танцот на воините“ („Warriors Dance“), кој во претходните неколку години собра повеќе стотини илјади луѓе на три различни континенти, и чие минатогодишно издание во Србија беше номинирано за најдобар нов европски музички фестивал, ќе биде одржан оваа година на 12 јули во Нови Сад, на Петроварадинската тврдина во рамките на Егзит. Ова е прв пат во историјата на Егзит да биде одржан фестивал во рамките на фестивалот.

Вечерта на „Танцот на воините“  на Егзит ќе ја предводи култниот состав Продиџи (The Prodigy), кои се воедно и основачи на овој фестивал, а покрај нив ќе настапи и веќе најавениот диџеј Фреш (DJ Fresh) со својот лајв бенд, Feed Me (DJ set), The Protoypes, Brookes Brothers, како и најновите членови на Р:Еволуцијата, составите South Central и Eyesburn.

–          Белградскиот Warriors Dance фестивал беше неверојатно искуство – наведено е во соопштението на групата Продиџи – Добивме илјадници писма од фанови кои инсистираат Warriors Dance и оваа година да се случи во Србија, и немаше подобар избор отколку овогодишното издание да го одржиме во рамките на EXIT, еден од најпризнатите светски музички фестивали.

–          Многу сме горди што еден од најзначајните светски бендови на сите времиња ќе се придружи на организацискиот тим на EXIT. Посебна ексклузива дава и фактот што изданието на Warriors Dance на EXIT ќе биде единствено издание на овој фестивал на подрачјето на Европа во 2013 година – изјави Иван Миливојев, еден од основачите на EXIT фестивал.

По двата настапи кои се означени како едни од најдобрите во историјата на EXIT, Продиџи доаѓаат во сосема ново издание, во рамки на патувачкиот фестивал Warriors Dance, во придружба на голем број врвни изведувачи и сценографија која има за цел да ја долови слободата на духот и да направи своевиден театар за аудио-визуелно доживување кое никого нема да остави рамнодушен. Warriors Dance доаѓа со експлозивна мешавина на силни битови и гитари кои режат, вонвременските денс хитови на групата The Prodigy и фузија на музички правци кои ја креваат атмосферата до самиот врв и над тоа, предизвикувајќи единствено фестивалско искуство. Целата тврдина ќе биде декорирана со урбани уметнички инсталации и стотина Warriors Dance знамиња кои ќе го најават и ќе ја направат подлогата на надоаѓачкиот спектакл.

Liam Howlett, Keith Flint и Maxim Reality негуваат силни врски со регионалната публика која и понатаму ги памети незаборавните концерти во Скопје и Белград од 1995 година, кои воедно беа и нивните први интернационални настапи, но и шоуата кои два пати ги приредија на Петроварадинската тврдина. Од домаќините на Warriors Dance се очекува да ги изведат сите хитови кои ја одбележаа нивната кариера, како „Firestarter“, „Smack My Bitch Up“ и „Voodoo People“, но и песните од најновиот албум кој го носи работниот наслов „How To Steal A Jet Fighter“.

Покрај The Prodigy, на главната бина на EXIT ќе настапи и DJ Fresh во форма на ексклузивен настап во живо со својот бенд кој претставува една од најбараните фестивалски атракции ова лето.

EXIT со гордост го претставува и настапот на составот  South Central, како и легендите на домашната сцена, групата Eyesburn. South Central го должат својот планетарен успех на Liam Howlett кој ги повика на соработка гледајќи ги нивните перформанси. Зад себе имаат концерти со  The Prodigy, Rage Against The Machine и Pendulum, како и ремикси за DJ Fresh, Steve Aoki и, секако, The Prodigy. Eyesburn ја воодушевија својата голема база на фанови со враќањето на сцената по долгото отсуство и од нив се очекува жестока свирка.

Кругот на изведувачи ќе се затвори со веќе најавените Feed Me, The Prototypes и Brookes Brothers, кои ја бранат честа на UKF Music.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top