| четврток, 6 декември 2018 |

Милион евра за младите земјоделци, во тек разгледувањето на деловните планови

Mlad-zemjodelec-traktor-kompjuter
Повеќе млади земјоделци и оваа година ќе ја искористат владината поддршка за неповратни грант средства до 10.000 евра за инвестиции во започнување на земјоделска дејност. На овогодинешниот оглас пријавени се поголем број на апликанти, државата почнува со селекција на апликациите и избор на оние кои имаат најдобри бизнис планови.

Како што информираат од Владата по завршување на јавниот повик во моментов во агенцијата за финансиска поддршка се врши разгледување на поднесената документација и деловните планови и се очекува најдоцна во месец јули да бидат објавени конечните резултати за одобрените деловни планови кои ќе бидат предмет на оваа значајна финансиска поддршка за младите земјоделци.

-Една од нашите главни цели во земјоделството е обезбедување на финансиска поддршка на младите земјоделци во висина до 10.000 евра неповратни грантови, средства кои што се наменети за модернизација на нивното производство за обезбедување на модерни технологии и практики во рамките на нивниот бизнис кои што ќе обезбеди равој на дејноста, повисоки проноси и поголема нивна профитабилност. На овогодинешниот оглас имаме добар одѕив, во текот на месец јуни и јули ќе бидат обработени и сите поднесоци од страна на платежната агенција за во месец јули да бидат определени лицата со кои што ќе бидат склучени договорите , да се склучат истите и потоа да се започне со исплата на финансиите во едногодишен, двогодишен или тригодишен период како што побарале земјоделците во рамките на нивните барања кои што ќе бидат одобрени- вели Александар Ѓорѓиев, портпарол на Владата.

Oваа година се предвидени 70 милиони денари за оваа намена со кои се очекува да бидат финансирани поголем број деловни планови. Средствата се доделуваат за период на реализација на деловниот план.

Овој вид на финансиска поддршка во висина до 10000 евра се доделува на млад земјоделец кој за прв пат започнува да се занимава со земјоделска дејност преку преземање на постоечко земјоделско стопанство или со воспоставување на ново земјоделско стопанство а се реализира преку одобрен деловен план од страна на Агенцијата кој треба да предвидува инвестициони активности за модернизација на земјоделското стопанство за период од најмногу три години од денот на одобрувањето на поддршката.

Потенцијални корисници на оваа поддршка се млади земјоделци на возраст од 18 до 40 години, носители на земјоделско стопанство запишано во Единствениот регистар на земјоделски стопанства во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство кои ги исполнуваат условите од програмата за рурален развој.

Оваа мерка од страна на Владата беше воведена во 2012 година и досега се склучени договори за финансиска поддршка во вкупна вредност од околу 100 милиони денари.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top