Горан Лазевски е авторот на најубавата љубовна порака и добитник на наградата на конкурсот „Напиши љубов во 140 карактери“, кој го објавува манифестацијата „Рацинови средби“, наменет за корисниците на Твитер социјалната мрежа…
Еве ја неговата порака: „Љубов мерена на кантарион.“
Од многуте пристигнати пораки на официјалниот твитер профил на „Рацинови средби“, финалниот избор го направи Богдан Илиевски алијас Бетмен велит, кој е активен поддржувач и промотор на манифестацијата низ социјалните мрежи.
Еве го и неговото образложение за најубавата порака: „Четири збора, како четирите тона од интрото на „Shine On You Crazy Diamond“. Тешки – четири тона. И пелин и мед. И крв и плодова вода. И време, и семе и нежен лист кој лекува рани и го мери најдобро немерливото. Цвет кој затреперува при секоја последна воздишка по љубениот кој остава, воздишка на опиениот кој заљубува, првата воздишка на оној кој не можел да дише без некого. Ветришта, торнада но и пролетни пиркања кои носат – поленов прав, на кантарионот кој лекува кога срцето на сто страни истекува.“
Целта на конкурсот „Напиши љубов во 140 карактери“ е поттикнување на креативноста, ширењето љубов и промоција и афирмација на љубовната поезија на Рацин, а наградата која се состои од плакета и таблет, на добитникот ќе му биде врачена на свеченото отворање на 53-тите „Рацинови средби“ на 9 јуни во Велес.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.