Во амфитеатарот на Младинскиот парк во Велес вечер во 21 часот свечено ќе биде отворена 50-тата поетска манифестација „Рацинови средби“, која ќе трае до 13 јуни.
Беседа ќе одржи Раде Силјан, претседател на Друштвото на писателите на Македонија, а потоа ќе следува традиционалниот меѓународен поетски митинг на кој ќе настапат поети од Црна Гора, Бугарија, Романија и од Македонија.
Првата вечер од годинашните „Рацинови средби“ ќе заврши во Куќата на Рацин во стариот дел на Велес, каде што ќе биде промовирано цеде со љубовна поезија на Рацин, а улицата „Кочо Рацин“, каде што се наоѓа неговата родна куќа, ќе биде прогласена за Сокак на поезијата.
Пред свеченото отворање на манифестацијата ќе претходи положување цвеќе на Спомен-костурницата во Велес, каде што почива поетот и револуционер Коста Солев Рацин. Пред споменикот на Рацин во центарот на неговиот роден град поздравна реч ќе одржи Санде Стојчевски, а пред споменикот во дворот на гимназијата што го носи неговото име ќе настапат поетите од клубот „Кочо Рацин“.
Во пресрет на официјалното отворање, во Ликовниот салон во Велес ќе биде промовиран алманах од изминатите, 49. „Рацинови средби“ и ќе бидат претставени ретроспективна изложба од Средбите (1963-2013) и изложба на дела од Грнчарската работилница.
Манифестацијата ќе продолжи утре кога ќе бидат врачени наградите за 2013 година – Рациновото признание на македонскиот писателот Илхами Емин, а Почесното Рациново признание за афирмација на македонската литература надвор од земјата, на Романецот Јон Дејаконеску. Во нивна чест концерт ќе одржи групата „Леб и сол“.
Јубилејните „Рацинови средби“ ќе завршат на 13 јуни, кога традиционално се одбележува денот и се посетува местото на погибијата на Рацин, на Лопушник кај Кичево. Годинашната манифестација ќе заврши во Културниот дом „Кочо Рацин“ во Кичево со „Литературно ракување“ на поетите-учесници на средбите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.