Поинаков концепт и нови содржини, најавува директорот Васил Зафирчев за претстојната традиционална поетска манифестација „Рацинови средби“ што ќе се одржи на 11,12 и 13 јуни.
Како што информира Зафирчев на прес-конференција, наградата „Рациново признание“ годинава ќе биде доделена само за прозна книга која е иновација во форма, структура и содржина, и го одбележала периодот меѓу двете „Рацинови средби“.
Ќе се доделува и нова награда – „Анталогија на болката“, насловена по името на љубовната поезија на Рацин. Новина е и изборот на заштитно лице на манифестацијата, т.н. Музата на Рацин.
– Целта на новиот концепт е да излеземе од херметизмот на манифестацијата која со децении се однесуваше само на книжевниците, писателите и поетите, да ја отвориме кон поширокиот аудиториум, да стане градско чествување на Рацин, потенцира директорот.
Конкурсот за „Рациновото признание“ е веќе распишан и ќе трае до 15 мај, а добитникот ќе биде соопштен на 5 јуни. За наградата, наместо петчлена комисија, ќе одлучува тричлено жири чиј претседател е ланскиот лауреат Паскал Гилевски. Познати се и членовите на жирито, еминентните професори, книжевни теоретичари од Филолошкиот факултет во Скопје, Марија Ѓорѓиева Димова и Елизабета Шелева.
Во тек е и конкурсот за избирање „Муза на Рацин“ кој ќе трае до 10 мај, а може да учествуваат сите средношколки од Велес, на возраст од 14 до 18 години.
За Рациновите средби се планирани и други содржини како изложба на помалку познати фотографии на Коста Солев-Рацин, а ќе се одржи и манифестацијата „Илјада свеќи за Рацин“. Во Велес се планира да се отвори и ѕид за Рацин на кој граѓаните ќе може да испушуваат свои пораки. Ќе се промовира споменикот на музата на Рацин во велешката Гимназија „Кочо Рацин“, а на платното со кое ќе биде покриен споменикот исто така граѓаните ќе може да испишуваат љубовни пораки.
Првпат „Рациновото признание“ ќе се додели на Спомен костурницата од НОВ, каде што почива поетот.
„Рацинови средби“ годинава се организираат 52. пат со поддршка на Општина Велес и Здружението на граѓани „ФАД СТОБИ“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.