Австрискиот репрезентативец Јанко Божовиќ, кој минатата сезона настапуваше во дресот на Металург, од Автокоманда се сели во Португалија. Според ракометниот портал „Хандбал-планет“, Божовиќ ќе ја продолжи кариерата во Спортинг Лисабон.
Лисабонскиот тим кој сезонава заврши на четвртото место во португалското првенство, подготвува амбициозен проект со неколку засилувања за следната сезона. Покрај Божовиќ, во составот на Спортинг Лисабон доаѓа и бекот на Барселона, Карлос Руезга, како и словенечкиот пикер Игор Жабиќ.
Божовиќ минатото лето дојде во Металург од Мешков Брест и одигра една од најуспешните сезони во својата кариера. Австрискиот репрезентативец беше прв стрелец на Металург во натпреварите во Лигата на шампионите со 71 гол на 10 натпревари.
Откако Металург уште во декември го заврши настапот во групната фаза од ЛШ, Божовиќ неколку месеци настапуваше како позајмен играч во Катар, а на крајот на сезоната повторно се врати во Скопје и играше за Металург во завршницата од Купот на Македонија и во вториот дуел со Вардар во плејофот од Суперлигата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.