| четврток, 6 декември 2018 |

Ангеловски: Самодовербата расте, одиме на победа

Не е потребна еуфорија, но видлива е зголемената самодоверба кај фудбалерите, која дава надеж за уште еден квалитетен меч и против Иран, ова денес на прес – конференција го изјави селекторот на Македонската фудбалска репрезентација Игор Ангеловски, најавувајки го натпреварот кој фудбалската репрезентација ќе го одигра утре на „Филип Втори“ арената со почеток од 19 часот.

press ffm (Custom)

-Уште кога дојдов на кормилото на репрезентацијата реков дека сакам да играме пријателски натпревари со што е можно поквалитетни противници. Иран е токму таква селекција, важи за еден од фудбалските гиганти во Азија, имаат навистина квалитетен состав, а на клупата е Карлош Квеирож. Но, јас сум фокусиран на нашата репрезентација, задоволен сум од атмосферата што владее во тимот, како и од односот и залагањето на фудбалерите, и на мечот против Азербејџан, а и на тренинзите во пресрет на утрешниот нов пријателски меч. Верувам дека и на утрешниот дуел ќе влеземе максимално одговорно, дека ќе се претставиме во добро издание и дека на крајот ќе стигнеме до триумф, изјави селекторот Игор Ангеловски на денешната прес – конференција.

Капитенот на младиот национален тим, Давид Бабунски, кој заедно со поголем дел од својата генерација сега е прекомандуван и во А-тимот, вели дека атмосферата меѓу сениорите е значајно подобра.

-Одиме на победа и против Иран. Атмосферата е далеку подобра сега во сениорската репрезентација, се е многу попозитивно. Сега веќе сите зборуваат за еден нов менталитет кај нас, и кај играчите, но и кај стручниот штаб. По подолго време, мислам дека сега атмосферата е на вистинско ниво, а ќе треба да ја надградиме со напорна работа и со подобри резултати, истакна Давид Бабунски.

Стефан Ристовски исто така потенцираше дека односот кон националниот дрес е на едно многу повисоко ниво.

-Се забележува тоа, дека атмосферата е знајачно подобра. Иран е квалитетна репрезентација, но ние одигравме добар натпревар против Азербејџан и се надеваме дека ќе повториме едно такво издание и против Иран, изјави Ристовски.

За дуелот со Иран во македонската репрезентација се приклучи и дефанзивецот Ѓоко Зајков, кој не играше против Азербејџан поради клупски обврски, а неизвесен е настапот на Марјан Радески, стрелецот на првиот гол од претходниот тест во Австрија. Тој се жали на повреда, најверојатно како плод на големиот замор, со оглед дека одигра огромен број натпревари за клубот Шкендија, како и за младата репрезентација до 21 година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top