Државна матура годинава ќе полагаат 16.859 ученици. Од нив 8.729 од гимназиско образование, 7.866 од средно стручно образование и 264 од средно уметничко образование, соопшти денеска Државниот испитен центар.
Согласно Концепцијата за матура и за завршен испит во средното образование со четиригодишно траење во Република Македонија учениците екстерно полагаат три предмети. Задолжителен за сите е мајчиниот јазик.
На 4 јуни во сите средни училишта во Република Македонија ќе се полага задолжителниот предмет, односно македонски јазик и литература, албански јазик и литература и турски јазик и литература.
Македонски јазик и литература ќе полагаат 10.730 кандидати, албански јазик и литература 5.424, а 428 турски јазик и литература.
На 9 јуни, 2.335 кандидати ќе полагаат математика.
На 13 јуни во сите средни училишта ќе се полага странски јазик. Како и секоја година и оваа најмногу матуранти имааат избрано да полагаат англиски јазик и тоа 15.353. Бројот на кандидати кои се пријавиле да ги полагаат останатите предмети е многу помал. Француски јазик ќе полагаат 114 кандидати, германски јазик 197, а руски јазик 32 кандидати.
На 15 јуни ќе се полага: физика, хемија, биологија, бизнис, историја, филозофија и естетика. Бизнис ќе полагаат 4.426 кандидати, историја 2.775, биологија 3.191, филозофија 4.230, хемија 344, физика 91 и естетика 188.
Испитниот материјал на денот на испитите се носи во училиштата и потоа се враќа во Државниот испитен центар. Сите испити почнуваат во 10 часот.
Во процесот на реализација на матурата во училиштата се ангажирани и 2.314 наставници како тестатори и околу 200 набљудувачи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.