– Полагањето математика како задолжителен предмет на државната матура од оваа учебна година го најавивме пред една и пол година. Средношколците не треба да бидат загрижени затоа што ќе имаат задачи од основно ниво на математика – изјави заменик-министерот за образование и наука Спиро Ристовски.
Тој изјави дека ја разбира загриженоста и вознемиреноста на учениците.
– Би сакал да апелирам до нив и да укажам на тоа дека станува збор за основно ниво на математика. Не треба да постои каков било страв кај нив од аспект на тоа дали и како ќе успеат да ја совладаат материјата, затоа што јас верувам во нивниот капацитет – рече Ристовски по посетата на ОУ „Александар Македонски“.
Ристовски соопшти дека во претстојниот период МОН планира можности за обука на учениците што ќе бидат заинтересирани за дополнителни часови по математика.
– Земјите-членки на ЕУ веќе долги години ја имаат математиката како задолжителен предмет на сите нивоа, не само во гимназиското образование, дури и во средните стручни училишта. Нашите ученици се исто толку квалитетни, според мене, колку и учениците во Британија или во други европски земји, па еве и во Хрватска, за да ја совладаат математиката. Јас верувам во нив – додаде Ристовски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.