| четврток, 6 декември 2018 |

Експертската влада не е демократското решение

Проф. д-р Јованка Кепеска

Проф. д-р Јованка Кепеска

Вратена е надежта, малку од малку, дека земјата ќе отпочне да се стабилизира, надминувајќи ја политичката криза. Вратен е целосно политичкиот состав на Владата. Во составот на Владата, имено, согласно со мандатот што е даден на изборите, се вратија ресорните министри. Нејзиното преобликување во техничка Влада, поради начинот на кој функционираше и предолгото траење, покажа неефективност. Тоа покажа дека, на таков начин конципирана, Владата не може да биде функционална. Односно дека само краткотрајно, во функција на одржувањето на изборите, и тоа ако е навистина на тоа усредсредена, е прифатлива. Враќањето на политичката Влада очигледно станува првиот и, не помалку суштествен, стабилизирачки фактор во државата. Тоа е и позитивниот чекор да отпочне да се враќа, а на тоа е потребно и да се опстои, регуларниот облик на владеење во општествениот поредок. Тоа значи да се поврати нормалното функционирање на институциите и примената на правото. Затоа што политичката криза ги наруши тековите во правно-политичкиот систем и ги парализира институциите, го наруши уставниот поредок во земјата. Ете зошто повраќањето на дејствувањето на извршната власт, во нејзината уставно определена форма, влева надеж дека стабилизирачките процеси во земјата ќе отпочнат да се одвиваат и во целост. Ќе се овозможи демократскиот начин на разрешувањето на прашањата преку Собранието и друго.

Тоа што, по поништувањето на аболицијата од страна на Претседателот Иванов, особено е потребно да биде спроведено е да се надмине политичката пристрасност при можното покренување на постапките пред СЈО за кривична одговорност против лицата за кои се јавуваат индициите, според прислушкуваните разговори, за сторени дела. И тоа отткога реално ќе се истражат основите за можните сомнежи. Потребно е, всушност, да се надмине пристрасноста која веќе претходно беше манифестирана што беше поводот Претседателот Иванов да го преземе чекорот за помилување на лицата од покренување постапка за кривична одговорност како превентивна мерка во однос на презумцијата на невиност. Нешто, што, според информациите на Претседателот Иванов, било избрзано и со определена цел припремано, за да се оневозможи рамноправниот удел на ВМРО ДПМНЕ во припремите на закажаните избори. Очекувањата, денес, за непристрасност се однесуваат и на севкупниот процес на докажување на вината. Тоа е и начинот за да се врати и довербата во јавноста во можната стабилизација на правната држава.
Притоа нема двојба дека Владата ќе ги усмери своите активности на нужните реформски зафати што се договорени како неопходни, прилагодувајќи се на времето кое ú претстои, според нов договор за избори. Покрај, опфатените со договорот од Пржино, реформски процеси на општеството.
Во јавноста, во последно време, се наметнува мислење, помалку или повеќе нагласено, покажувајќи, истовремено, недоверба во регуларната влада и дезавуирајќи ја, таа да се замени со експертска влада. Со образложение дека само таква влада би било можно да ги оствари потребните реформски зафати. Се предлага, значи, мериторна власт, како владеење на лица според знаењето и способностите. Теоретски тоа е меритократија или власт и владеење според заслуги, талент, интелигенција и поседување на вештини.
Барањето за експертска или некаква „ново конструирана“ влада, што се случува поради теоретско непознавање или за да се постигнат определени цели, е недемократско. Затоа што демократијата е, токму, спротивното. Демократијата е владеење на народот. Политички систем, државно уредување врз можноста народот преку избори да ги избира своите претставници на кои им го создава афторитетот за да ги донесуваат одлуките во негово име. Ваквиот процес е претпоставен со плурализмот на партиите и групите за притисок, во кои граѓаните слободно пристапуваат и овозможуваат индивидуите да ги остварат своите права. Со воведувањето на експертска, или некаква друга, влада, се врши корекција на изборната волја на граѓаните заобиколувајќи ги одлуките од изборниот процес. Нешто што не само што е општествено несправедливо и елитистичко, туку е и нефункционално. Користењето на знаењето во политичката сфера, која е базирана врз демократска основа, останува.
Затоа не можеме да се одвоиме од впечатокот дека кога од опозициониот блок се нудат предлози како да имаат отклон од стварноста. Па мислењето останува непродуктивно, некорисно. Мислење кое не води никаде иако се претставува како демократско. Смислено само за да се придобие власта, покажувајќи притоа и непознавање и нестручност, усмерено е да го наруши системот.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top