| четврток, 6 декември 2018 |

Нашите фудбалери остварија победа против Азербејџан (видео)

macedonia-azerbaijan-pandev

Нашата фудбалска репрезентација после три натпревари без победа и без постигнат гол, конечно победи, во пријателски натпревар против репрезентацијата на Азербејџан со резултат 3-1, одигран во австрискиот град Бад Ерлах.

Избраниците на Игор Ангеловски сосема заслужено победија, агресивно тргнаа уште на стартот кон голот на Азербејџан. По неколку шанси без погодок, резултатот од доминантната игра стигна во 19. минута, по извонредното проигрување од капитенот Горан Пандев, од 16-тина метри прецизен беше Марјан Радески за водство од 1-0.

13 минути подоцна, асистентот на првиот гол, капитенот Пандев една соло акција ја заврши со нов погодок за зголемување на предноста. Ова е прв гол на Пандев по враќањето во националниот тим, после паузата од 3 ипол години.

Во второто полувреме македонските фудбалери продолжија со ист ритам и повторно ја држеа играта под своја контрола. Давид Бабунски имаше одлична шанса за погодок во 69. минута, кога шутираше од 16 метри, но само покрај стативата.

Фудбалерите на Азербејџан успеаа да го намалат водството во 72. минута од пенал, откако Николов во шестнаесетникот со рака блокираше еден шут на противникот.

Но, крај на сите дилеми околу победникот на мечот стави Илија Нестороски во 90. минута, кога поедна контра која ја започна Бабунски, Никола Ѓорѓев од десната страна упати центаршут пред голот на Азербејџан, а Нестороски одлично реагираше и ја затресе противничката мрежа за конечни 3-1.

Ова беше шести дуел помеѓу Македонија и Азербејџан, нашата селекција ја оствари петтата победа, а имаме и едно реми против оваа репрезентација.

Вреди да се спомне и поддршката која ја имаа нашите фудбалери на денешниот натпревар во австриското гратче од околу 200 македонски иселеници кои беа гласни за време на целиот натпревар.

Македонскиот селектор Игор Ангеловски, како и што најави претходно, им овозможи деби на четворица фудбалери во националниот тим. Бојан Најденов од Работнички доби шанса уште од првата минута во средниот ред, а во второто полувреме влегоа младите Никола Ѓорѓев од Грасхоперс, Дејан Пешевски, како и младинскиот репрезентативец од Шкендија, Бесир Демири.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top