| четврток, 6 декември 2018 |

Скопје три дена ќе чита и ќе зборува за проза

Го нарекуваат „најдобриот трговец со приказни” оти нема човек што не запаметил барем една реченица од неговите книги. Тој е еден од најпреведуваните и најпопуларни бугарски автори. Со Георги Господинов како лауреат на наградата „Прозарт“ и уште петмина големи балкански писатели, четворица германски издавачи, еден литературен агент и основачот на една од најреномираните американски издавачки куќи, Џон О`Брајан, вечерва во 19 часот во Даут-пашиниот амам ќе биде означен почетокот на тридневното славење на прозата.

Токму со книжевниот портрет на Господинов официјално ќе почне 4-тото издание на Меѓународниот литературен фестивал „Про-за Балкан“, што го организира издавачката куќа „Икона“ од Скопје.

– Со својот особен раскажувачки глас, автентичен стил на раскажување и необично откачена духовитост, се наметна како исклучително име на новата бугарска литература – ќе каже за годинашниот лауреат уметничкиот директор на фестивалот, Александар Прокопиев.

Во Даут-пашиниот амам вечерва ќе бидат претставени и другите автори од годинашната програма, а за нивните дела ќе зборуваат Прокопиев, Ермис Лафазановски и Елизабета Шелева. Модератор ќе биде Ана Јовковска. Освен Господинов, кој е добитник на наградата „Прозарт“ за авторски придонес кон развојот на книжевноста на Балканот, ќе биде претставена и една од најпопуларните турски писателки – Асли Перкер чии два романа „Рецепт за осамени срца“ и „Гробот на џелатот“ кај нас ги издаде „Бата прес“.

Гости на фестивалот се и словенечкиот писател Андреј Блатник и српските писатели Марко Видојковиќ и Звонко Карановиќ.

В понеделник (30 мај) од 19 до 20 часот во книжарницата „Икона“ во „Скопје сити мол“ гостите-писатели ќе се сретнат со своите читатели и ќе им потпишуваат книги.

Фестивалот ќе биде затворен во вторник во Даут-пашиниот амам, во 19.30 часот, со врачувањето на наградата „Прозарт“ на Господинов. Секој од гостите-писатели на својот мајчин јазик ќе прочита извадок од свои дела.

Во рамките на „Скопје fellowship“, четворица издавачи и еден литературен агент од Германија, како и основачот на великанот и најважниот издавач од САД со фокус на преводна литература од Европа и Балканот „Далки аркајв прес“, Џон О`Брајан, ќе имаат средби со издавачи и писатели од Македонија, со што ќе се развие можноста овие престижни издавачи да објават дела од наши автори.

Гости на фестивалот се издавачите: Флориан Грундај од „Валштајн“, Рајнер Хелчл од „Опен хаус“, Јерг Сандермајер од „Вербрехер“ и Севастос Самбсунис од „Гресенван“, како и литературниот агент Кристине Лиштау од литературната агенција „Антас Биндерман Лиштау“.

– Заедничко за сите е што дел од нивната продукција е и литература во превод, со дел од фокусот на Балканот. Нивната посета е особено важна бидејќи во нивното портфолио се автори од Балканот, но, за жал, досега не и автори од Македонија. Се надеваме дека од тоа ќе произлезат нови преводи, гостувања на писатели од Македонија во странство, промоција на македонската, но и балканската литература надвор од границите и вмрежување на писателите и луѓето од сферата на издаваштвото и книжевноста со колегите од Европа – вели директорот на фестивалот, Дејан Трајкоски.

Германските претставници и сите гости на фестивалот в понеделник од 11 часот во ЕУ- Инфоцентарот ќе разговараат на тема „Независни издавачи од Германија и превод на литература од Балканот: мапирање на реалноста“. Дискусијата ќе ја води Елизабета Шелева.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top