Металург го загуби и четвртиот дуел сезонава против Кјелце и остана без историски пласман на фајналфор турнирот во Келн. Таму ќе патуваат Полјаците кои беа подобри и во реваншот на свој терен со 26-15, што е најубедлива разлика на натпреварите меѓу двата тима.
Почетокот на мечот мина во знакот на македонскиот првак, поведовме на двапати со 2 гола разлика, колку што беше негативата од Скопје, но Кјелце заслужено славеше на крајот. До полувремето домаќините направија осетна разлика од 4 гола, 12-8, што се покажа како клучна за исходот на реваншот од четвртфиналето. Ракометарите на Металург немаа сили во вториот дел, противниците казнуваа од контранапади, по многуте технички грешки на нашиот тим и ќе патуваат за Келн.
Со само 7 постигнати погодоци за 30 минути, колку што ракометарите на Металург дадоа во второто полувреме, не се оди на завршен турнир за титулата.
Најефикасни кај нашиот првак беа Наумче Мојсоски и Ренато Вугринец со по 4 гола, а кај домаќините доминираа Јурецки со 8 гола и Чупиќ со 5 погодоци.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


