| четврток, 6 декември 2018 |

Еуфоријата расте, Реал и Атлетико во борба за Европскиот трон

Португалскиот фудбалер Кристијано Роналдо секако е прва ѕвезда на вечерашното финале во Лига на Шампиони, но покрај него многу играчи на Реал и Атлетико докажаа сезонава дека се во извонредна форма и подготвени да го решат натпреварот.

Освен Роналдо, повеќепати наградуваниот најдобар фудбалер на светот, огромна поддршка во Реал се очекува и од Герет Бејл и Карим Бензема.

Бејл се уште нема постигнато гол во ЛШ оваа сезона, но покажа одлична форма во шпанската Примера и извонредно го заменуваше Роналдо, кој пропушти неколку натпревари поради повреда. Велшанецот постигна четири голови во последните четири натпревари на Реал во домапната лига.

Исто така, Бејл беше стрелец за Реал во многу финалиња и го решаваше прашањето за победникот во Лига на Шампиони, Кралскиот Куп, како и Светското клупско првенство во 2014 година.

„Не знам во што е тајната. Во едно финале секој гледа да даде се од себе, да одигра најдобро што може и се надевам дека во сабота ќе постигнам гол и дека мојот клуб ќе го освои трофејот“, изјави Бејл за шпанските медиуми.

real-bale-ronaldo-benzema

Уште една закана од „кралскиот“ клуб може да биде Бензема. И покрај тоа што на 35 натпревари постигна дури 28 голови, сезоната на Бензема ја одбележаа скандали, но тоа не би требало да претставува пречка за 28-годишниот француски напаѓач да биде една од сериозните закани по голот на Атлетико.

 

griezmann-atletico

А кај Атлетико, главна ѕвезда во клубот од „Висенте Калдерон“ е Антоан Гризман. Францускиот напаѓач ја игра својата најдобра сезона во кариерата, а во ЛШ постигна седум од вкупно 16 голови на Атлетико, вклучувајќи ги и трите гола на последните три меча.

„Имав извонредна сезона и се надевам дека ќе ја завршам во голем стил“, самоуверено изјави Гризман.

Фернандо Торес е, исто така, еден од играчите кој би можел да го одбележи финалето. Искусниот Торес во текот на кариерата решавал бројни натпревари, а на шпанската репрезентација со головите во финалињата во 2008 и 2012 година и ја донесе Европската титула.

„Пред мене е најважниот натпревар што ќе го одиграм во животот“, рече Торес, кој после неколку години лоша форма конечно одигра солидна сезона, постигна 12 голови за Атлетико во 43 натпревари.

torres-nigues-atletico

Едно од најголемите изненадувања во Атлетико сезонава е младиот Саул Нигез, кој со добрите игри за клубот заслужи позив од селекторот на шпанската репрезентација за ЕП во Франција.

Еквивалент на Нигез во Реал е Лукас Васкес, кој исто така е на списокот на селекторот Винсент дел Боске. Овој 24-годишен напаѓач, играч од младинската школа на Реал, изјави дека ќе му биде чест што ќе ја претставува академијата на Реал во финалето.

Реал и Атлетико се сретнаа претходно во финалето на ЛШ пред две години, кога „кралевите“ во продолженија славеа со 4-1. Од фудбалерите кој настапуваа тогаш, а ќе настапат и вечер се Серхио Рамос, Марсело, Тони Крос о Хамес Родригес од Реал, како и Коке Ресуресион, Габи Фернандес, Диего Годин и Филипе Луис од Атлетико.

Финалниот натпревар ќе се одигра на стадионот „Сан Сиро“ во Милано, главен судија ќе биде Марк Клатенбург од Англија, а започнува во 20:45ч.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top