| четврток, 6 декември 2018 |

Валканите пари на Сорос не можат да го купат народот

Huligani-SDSM-UJP boja soros

Ненад Мирчевски

Ненад Мирчевски

 

По пропаѓањето на изборите на 5 јуни, само едно е јасно – ќе поминеме уште едно лето во политичка криза, која сериозно го нарушува нормалниот живот на граѓаните. Речиси е сигурно дека евентуалното поместување од мртва точка може да се очекува најрано наесен. Дотогаш, опозицијата, која остана без толку посакуваните министерски места, ќе има доволно време да се радува на својот „голем успех“, да плаче и да моли кај меѓународната заедница за нова техничка влада и да размислува кога е најбезболно да излезе на избори и да се соочи со граѓаните. Наесен ли, в година ли, или, пак, ќе чека до 2018 година…

Тоа што е уште поголем проблем на СДСМ и на Соросовите платеници во моментов е губењето на здивот на и така раштимуваната и безидејна шарена револуција, која од ден на ден има сè помала поддршка на улиците. Фрустрациите кај „шарените револуционери“ од слабиот одѕив се огромни, па затоа последните денови сме сведоци на нов бран навреди и понижувања на народот, кој не само што не ги поддржува туку и отворено ги осудува нивните деструктивни дејства.

Соросовите платеници никако не можат да се помират со фактот дека со милионите долари валкани пари на нивниот газда никогаш не можат да ја купат поддршката на народот за насилно менување на власта, не можат на ниту еден начин да го оправдаат сојузот на Заев со структури што заговараат промена на името, редефинирање на општествениот поредок и федерализација на државата, како што не можат да ги избришат сеќавањата на граѓаните од времето на катастрофалното владеење на СДСМ. Волјата на народот ниту можат да ја купат со пари, ниту да ја променат со притисоци и закани. Тоа е единствената причина поради која Заев и неговото друштво од криминалци и милионери сè уште бегаат од избори како ѓавол од крст.

Со последните информации обелоденети во медиумите за милионските суми што Соросовите невладини организации им ги исплаќаат на стотици активисти што секојдневно ги гледаме како ја уриваат државата, ги сквернават спомениците и ги оштетуваат државните институции станува јасно за каква платеничка машинерија станува збор и колкави се нивните мотиви за ваквата агресивност.

„Борците за демократија“ допрва ќе треба да ѝ објаснат на јавноста со што ги заслужија баснословните годишни приходи од по неколку десетици илјади евра? На каква сиромаштија и од каков режим се жалат овие платеници? За каква социјална правда се борат? Колку пари им се доволни за конечно да ја задоволат својата алчност? Повеќе од јасно е дека место одговори ќе следува уште посилен бран навреди и закани кон сите што ќе им ја нарушат удобноста. Ширењето омраза не само што нема да спласне, туку и уште посилно ќе се поттикнува.

Токму затоа соросоидите и опозицијата по секоја цена се обидуваат да измислат нови причини за одржување на колективната психоза кај граѓаните и очајно се обидуваат да ја оживеат колабираната револуција. Очајот е до толку голем што Заев лично реши да се фати за балоните со боја. Но, веќе и на малите деца им е јасно дека охрабрувањето на хулиганите и заканата на лидерот на опозицијата за „финална пресметка“ не е ништо друго туку израз на целосна безидејност и немоќ на опозицијата да ја продолжи политичката борба со легитимни и демократски средства. Пред да донесат одлука за пренесување на политичката битка на улица, треба да имаат на ум дека народот е подготвен по секоја цена да ја одбрани државата. И тоа без пари.

За Македонија се работи!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top