| четврток, 6 декември 2018 |

Црквите опустошени, сефовите и сметките преполни – зошто спијат МПЦ – ОА и другите одговорни

И Паско Кузман и Министерството за култура да се разбудат од сон

 

goran-momiroski-kol-90x115

Колумнист: Горан Момироски

На Македонија и се случува културна и духовна трагедија од епски размери а тие што треба да работат за нејзиното спречување спијат. Она за што јавноста знае дека се презема е упатување молитви до Бога и иницијативи за преземање на сеуште неукрадените икони од црквите во поголемите и подобро заштитените верски објекти. Но тоа ни оддалеку не е доволно.

Во Македонија , според весникот Нова Македонија, во последниве 12 години се ограбени 769 православни верски храмови и 53 џамии. Само минатата 2012 година се обиени и испразнети рекордни 99 цркви.

И сите најодговорни за ова молчат и се надеваат дека систематското и добро организирано  уништување на македонското верско и општо културно наследство ќе запре. Само од себе.

И така чекајќи бројот на украдени икони според неофицијални информации стигна до фантастични  дваесет илјади.

Само  во последниве 4 месеци од селата Лазарополе, Тресонче  и Долно Мелничани во Реканскиот крај се украдени над 70 вредни икони од 3 цркви.

Без разлика дали украдените дела и други вредни предмети се цел на криминална мрежа која што ги продава на црниот пазар или тие се цел на некаква верско, национална или на друг начин организирана група која систематски ни ја краде историјата одговорните институции мора да сторат нешто за да запре духовната трагедија.

Лазарополе, Тресонче, Железна Река, Издеглавје, Туденце, Кичевско, Охридско , Струшко , Тетовско , Дебарско , Гостиварско – ова се најчестите локации кои се појавуваат на интернет пребарувачите кога ќе напишете „ограбени цркви и манастири“. И сите се лоцирани во западниот дел од земјата што на оние што во кражбите гледаат поголема заднина од обични финансиски причини им дава легитимитет кога велат дека кражбите на најчесто православните објекти во себе носат  и политичко – верска порака.

МПЦ – ОА ги наполни сефовите додека и се празнат црквите

Претставниците на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија поточно Владиката во чија епархија се случуваат најголем дел од кражбите на Икони вели дека одговорноста за спречување на појавата лежи кај црковните одбори и државата. Владиката Тимотеј елегантно топката ја префрла на други, заборавајќи дека верниците не живеат веќе во 16 век туку во 21 кога е лесно да се пресмета колку пари има МПЦ ОА и колку би чинела заштитата на верските храмови. Заборава дека иако за тоа јавно не за говори МПЦ – ОА на располагање има огромни парични средства од процесот на денационализација. Меѓу 25 и 30 милиони евра лежат на сметките на МПЦ ОА додека секојдневно од црквите и манастирите исчезнуваат вредни дела на Дичо Зограф, Петре Гарката и нивните современици, предходници и ученици. Само со еден десетина од оваа сума можат да се заштитат целосно или делумно сите верски објекти кои се на удар на крадците. Забораваат владиците дека  ни верниците ни господ нема да им прости ако се претворат во брокери кои се позагржени за изнајмувањето на Изгрев од заштитата на духовното наследство. Нема да згрешат тие што ќе им порачаат „Пусти да им останат кабинетите и резиденциите со  резбани мотиви и скапи камења ако не направат нешто за да ја заштитат традицијата и историјата на народот кој во најтешките времиња опстанувал само поради потпората од црквата“.

За почеток наместо да уживат и да се дебелеат во своите резиденции и да уживаат во убавините на животот владиците можат да излезат на терен и да преноќат во верските објекти кои што се во опасност. Наместо да се возат во скапите мерцедеси на ручеци и приеми или да се топлат во перфектно опремените седишта да се преселат макар сезонски во текот на зимата кога црквите се најмногу на удар во студените манастири и така да спречат уште поголема трагедија.

Паско да ги тргне часовниците и да се фати за работа, или да си замине

Но не е само МПЦ – Охридска Архиепископија кабает за трагедијата. Директорот на Управата за Заштита на културното наследство Паско Кузман наместо да се слика со своите чаосовници мора да  најде пари и проекти за заштита на црквите. Да се заштитат барем  3 цркви каде што има вредни икони е добар почеток. Наместо да го брка Александар Македонски и да ги засмејува широките народни маси  да не бега од товарот кој што паѓа на неговито грб како прв човек на институцијата која треба да го штити културното наследство.

Култура подразбира и заштита на истата

Бездруго промоцијата на македоснката култура во странство, ископувања на археолошки локации, споменици и другите проекти на министерството за култура имаат некаква цел и најмалку дел од граѓаните ќе бидат благодарни за нив. Но доколку појавата која трајно го уништува македонскоот духовно наследство не запре под итно и не се стори нешто барем дел од украдените икони да се вратат таму каде што биле сместени со векови Министерката Канчевска Милевскаво никој случај нема да биде запаметена како неимар и промотор туку како гробар на Македоснката култура. Ако не е подготвена на оставка истата може и мора да ја побара од Паско Кузман. Доколку трагедијата не запре веднаш и таа ќе мора да размисли за преземање на директна одговорност на верскиот Армагедон што ни се случува пред нос.

И верниците на штрек, засега никој друг нема кој да ги заштити црквите

Црковните одбори во црквите кои што биле или се можна цел на вандалите исто така имаат одговорност да преземат мерки кои што ќе ги спречат кражбите. За почеток наместо правење трошоци за ручеци по повод верските празници да се обидат да постат на Богородица а парите да ги дадат за обезбедување на црквите и манастирите.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top