| четврток, 6 декември 2018 |

Ѓорѓиев: Сите посакуваме повторување на минатогодишниот успех

odbojkarska reprezentacija pres

Македонската одбојкарска репрезентација е подготвена за предизвикот што го носи новиот настап во Европската лига. Одбојкарите по висинските подготовки во Маврово се вратија во Скопје, каде што ќе се одржи последната фаза од овој подготвителен период за Европската лига, натпреварување во кое „црвено-жолтите“ лани стигнаа до финалето, а годинава се надеваат на уште еден чекор напред и кревање на шампионскиот пехар. На прес-конференцијата што се одржи во „Синерџи фитнес и спа“ капитенот Никола Ѓорѓиев и селекторот Жарко Ристоски ги искажаа своите очекувања во пресрет на новата сезона од Европската лига.

Системот на натпреварување во однос на претходните години е променет, па ќе се играат само две групи, а Македонија е дел од групата заедно со Бугарија, Данска и Албанија. Бугарија воедно е домаќин и на фајналфор-турнирот, па со тоа има автоматско учество на завршниот турнир. Покрај Бугарите, пласман ќе обезбедат двете најдобри првопласирани селекции од групите, како и подобрата од двете второпласирани селекции. Во рамките од групите ќе се играат само два турнири, првиот од 10 до 12 јуни во Варна, а вториот од 16 до 18 јуни во Скопје, во СЦ „Борис Трајковски“.

IMG_6371

– Желбата за успех е тука и репрезентативците се желни да докажат дека минатогодишното освојување на сребрениот медал не беше случајно. Во Маврово селекцијата ги започна подготовките и таму ја вративме физичката форма како и што беше планирано, а до патувањето во Бугарија ќе се воигруваме во Скопје и ќе ја темпираме формата. Се радувам на можноста што вториот дел од турнирот ќе го играме во Скопје во СЦ „Борис Трајковски“ пред нашата публика која се надевам дека од 16 до 18 јуни ќе дојде во што поголем број и ќе нѐ бодри да успееме во нашата цел, учество на фајналфорот и шанса за борба за златниот медал – изјави капитенот Никола Ѓорѓиев.

Селекторот Жарко Ристоски беше резервиран околу состојбите во македонската одбојка. Тој повеќе се осврна на анализа на противниците и секако со подмладен состав и без четворица првотимци од минатата сезона ќе се обиде репрезентацината на Македонија да се пласира на завршниот турнир во Бугарија.

IMG_6360

– Благодарност до целокупната јавност за поддршката што ни ја дава, но и до „Синерџи фитнес клубот“ за помошта што ни ја укажува со давање на беспрекорни услови за подготовки. Годинава повторно сме дел од европската лига, а одличните резултати од минатото се само обврска да продолжиме во ист стил. Годинава подготовките ги почнавме на 16 мај во Маврово, имавме добри услови за работа, репрезентативците добро ги одработија работните задачи, морам да ги пофалам и помладите кои првпат беа дел до сениорскиот национален тим и одлично одговорија на предизвикот. Во периодот откако јас дојдов за селектор се до денеска имаме доста откажувања, дури шест од репрезентативците кои настапуваа во минатото не се со нас, таа празнина ќе ја пополниме со младинци, тројца од нив на возраст од 17 години. Можам да кажам дека сме оптимисти, нереално е да најавуваме освојување на Европската лига, но ова е репрезентација што секогаш ја красела амбициозност. Желбата наша е заедничка и многу голема, да се повтори успехот од претходните години, да се стигне до фајналфор турнирот – изјави селекторот Жарко Ристоски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top