За Козета Гомеж летањето со хеликоптер е вообичаен начин да се стигне до саканата дестинација, а да се заобиколи метежот на Сао Паоло и неговите 20 милиони жители, пренесува Франс прес.
Со богатство проценето на 125 милиони долари, 41 годишната Козета е една од најуспешните бразилски деловни жени. Нејзината империја опфаќа 8 компании за маркетинг и организирање на настани. Сепак, таа е само една од многуте. Бразилската економија е во нагорен тренд и има дури 53 илјади милионери, што значи дека небото над Сао Паоло стана навистина „прометно“.
-Во Сао Паоло денес сообраќајот е толку густ што е навистина тешко да се стигне од еден крај на друг, па хеликоптер стана навистина неопходен луксиз, ја пренесува АФП Козета Гомеж.
Таа не го крие своето богатство бидејќи, како вели, самата го стекнала. Себе си си доделила улогата да биде пример за други жени. Нејзината лична секретарка Аманда Габриел вели дека примерот позитивно и влијаел.
-Со нејзиното искуство успеа да ме научи многу работи, ме натера да посакам да бидам професионално еднакво добра како што е она, вели Габриел.
Козета смета дека многу бразилци се далеку побогати од неа што го поткрепува и со податоци. Дури 50 Бразилци имаат имот вреден преку милијарда долари. Сао Паоло е на деветото место во светот по бројот на милионери, според листата на консултантската агенција „Најт френк“ за 2013 година.
Оваа растечка класа на супер богаташи купуваат брендирана гардероба, редовно одат на луксузни патувања и доколку не патуваат со хеликоптер, користат блиндирани луксузни автомобили во кои ги возат нивните сиромашни телохранители.
-Бразил е прекрасно место за живот на милионер, не само заради нашата култура у природните убавини, туку и затоа што има голема економија, додава Козета Гомеж.
Со оглед дека бразилската економија продолжува да бележи вртоглав раст, се очекува дека за десет години бројот на супербогати бразилци најмалку би се удвоил од денеска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.