Утре (среда, 25 мај) во 12 часот во Друштвото на писателите на Македонија на поетесата Љерка Тот Наумова ќе и биде врачена наградата „Даница Ручигај“ што се доделува за најдобра стихозбирка од авторка, членка на македонската писателска асоцијација. Наградата на Љерка Тот Наумова и е доделена за стихозбирката „Зародиш на повикување“, објавена во издание на „Бата прес“ од Скопје, со поговори на Михаил Ренџов и Марина Мијаковска. Селектор за ова признание годинава беше критичарот и есеист Мишел Павловски.
За време на свеченоста при врачувањето на наградата, во ДПМ премиерно ќе биде прикажан документарниот филм „Соновите не заспиваат“, посветен на македонската поетеса Даница Ручигај (1934 – 1963). Автор на проектот е Катица Трајковска Абјаниќ, а режисер Мишо Рогановиќ. Во филмот „Соновите не заспиваат“, реализиран во продукција на Македонската радио-телевизија, за животот и поетското творештво на Даница Ручигај зборуваат десетина писатели, професори, книжевни критичари и современици на авторката кои лично ја познавале.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.