Со цел подигање на свеста кај граѓаните за тироидни заболувања преку „Виолетовиот караван“ на здружението „Борка – за секој нов ден“ доктори од Институтот за патофизиологија и нуклерна медицина од Скопје денеска во струшката чаршија правеа бесплатни ехо прегледи на тироидната жлезда.
Интересот кај стружани, според Маријан Радески медицинско лице од Институт за патофизиологија, е голем. Граѓаните, посочи тој, денеска можат да направат бесплатен преглед на тироидната жлезда за помалку од пет минути, со кој доколку се открие нарушување се упатуваат на натамошно лекување.
– Одзивот е голем. Целта е луѓето да сфатат кои се симптомите и проблемите кои се појавуваат со нарушена работа на тироидната жлезда. Сега правиме прегледи кај минувачите и ако откриеме нешто ги насочуваме во болниците кај стручни лица кои се занимаваат со тоа, истакна Радески.
Покрај ехо преглед, додаде, ги информираат граѓаните за симптомите и ги насочуваат на натамошни анализи доколку се потребни.
Граѓаните се задоволни од прегледот и посветеноста на докторите и очекуваат во иднина ваквите кампањи да бидат поредовни за да можат да ги вршат прегледите без никаква процедура.
„Виолетовиот караван“ опфаќа прегледи во седум градови низ земјава, а освен Струга кампањата ќе се реализира и во Струмица, Велес, Куманово, Кичево, Тетово и Скопје.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.