| четврток, 6 декември 2018 |

Пешевски: од 2009 година до денес не сум извршувал никаква друга функција освен онаа како Потпретседател на Владата

pesevski statusЗаменик на Претседателот на Владата задолжен за економски прашања Владимир Пешевски преку својот ФБ профил реагираше на наводите истакнати од СДСМ, а во врска со фирмата „Фертисимо“

Интегрален текст

„Почитувани,

Во врска со изнесените наводи во некои медиуми, како и конференцијата за медиуми на СДСМ, кои се поврзани со фирмата „Фертисимо“ од Кипар, би сакал да дадам неколку појаснувања.

Фирмата „Фертисимо“ е регистрирана во првата половина на 2006 година и беше активна како фирма за консултантски услуги до крајот на 2008 година, пред воопшто да бидам политички активен и да стапам на функцијата вицепремиер.

Мојата професија пред да влезам во политичките води беше токму тоа, меѓународен инвестициски консултант,а во тие години живеев и работев надвор од Република Македонија, при што соработував со клиенти од земји членки на Европската Унија, па беше сосема логично дел од тие активности да се одвиваат преку фирма регистрирана во земја од ЕУ.

На функцијата вицепремиер и член на Владата сум именуван во месец јули 2009 година. Од моето стапување на функцијата, активностите на фирмата се целосно замрзнати, односно од самиот почеток на 2009 година, значи неколку месеци пред воопшто и да знам дека ќе имам политичка функција. Се до ден денес, фирмата нема апсолутно никакви (нула) приходи.

Потенцирам дека фирмата нема никакви активни договори, нема никаков движен или недвижен имот, нити пак има или во минатото имала капитална поврзаност со било која друга фирма во светот или во Македонија. Сите хонорари кои фирмата ги има исплаќано кон мене, а кои се исплаќани пред да стапам на функцијата вицепремиер, целосно се пријавувани во УЈП и на нив е платен данок. Сето ова, вклучително и ревизорските извештаи за фирмата и даночната пријава им беше ставено на увид на новинарите кои ја истражуваа ова сторија.

Самата функција на „директор“ на фирмата, која што само формално стои во регистарската влошка, е целосно пасивна, бидејќи фирмата нема никакви активности од 2009 година наваму, односно од тогаш до денес не сум извршувал никаква друга функција освен онаа како Потпретседател на Владата.

Сите останати инсинуации за можна коруптивна активност на фирмата или конфликт на интереси се целосно беспредметни, бидејќи фирмата е целосно неактивна и без приходи од моето стапување на функцијата вицепремиер во 2009 година, па се до денес.“

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top