| четврток, 6 декември 2018 |

Дополнителни 10 милиони евра за малите и средните претпријатија

Дополнителни 10 милиони евра се обезбедени за малите и средните претпријатија (МСП) преку Платформата за развој на претпријатија и иновации во Западен Балкан, соопшти попладнево вицепремиерот Владимир Пешевски.

Станува збор за кредити со максимален износ од 500 илјади евра кои компаниите може да ги подигнуваат по исклучително поволни услови, односно со обезбедување 30 до 60 отсто помала гаранција во однос на стандардните. Ќе се реализираат преку ПроКредит банка. Рочноста е 10 години, а каматната стапка е пониска за 0,25 отсто.

Како што напомена Пешевски, кредитите се наменети исклучиво за мали и средни претрпијатија, ќе овозможат нивен развој и отворање нови работни места.

– Убеден сум дека голем број мали и средни претпријатија ќе го увидат бенефитот од овој инструмент, изразен преку прилив на потребните финансиски средства што би ги инвестирале во развој на технологии, поквалитетни производи и услуги и поголема конкурентност не само на локално, туку и на регионално и пошироко ниво, истакна вицепремиерот.

Според менаџерот на Европскиот инвестициски фонд Хуберт Котоњи, анализата на пазарот покажала дека токму МСП имаат најголема потреба од кредити, со фокус на бизнис и иновации.

– Овозможуваме портфолио кое предвидува покривање на загубите до 70 отсто кои евентуално би настанале кај МСП. Оваа гаранција е бесплатна. Практично, ние во голем дел го преземаме ризикот на малите и средните компании. Тоа им ја олеснува работата. Од нив нема да се бараат толку големи гаранции за земање на кредитот. Со ова очекуваме значително да придонесеме за нивниот раст и развој, напомена Котоњи.

Емилија Спировска од Управниот одбор на ПроКредит банка потенцира дека кредитите се особено поволни за развојно ориентираните фирми, со брз раст, што подразбира и отворање нови работни места.

– Обезбедувањето кое се бара е 30 до 60 отсто помало од она во стандардните услови, но и каматната стапка ќе биде пониска за 0,25 процентни поени. Фокусирани сме на компании со најмногу 250 вработени. Максималниот износ на кредитите е 500 илјади евра, истакна Спировска, додсавајќи дека овој инструмент не е добар само за компаниите, туку и за македонската економија воопшто зашто средствата се користат за долгорочни инвестиции.

Договорот за користење на овој финансиски инструмент е потпишан пред околу три недели. Како што нагласија Пешевски и Спировска, компаниите покажаа голем интерес со оглед дека за десет компании се веќе во обработка околу два милиони евра.

Македонија е меѓу првите земји – потписнички на Платформата со која на компаниите од регионот им се овозможува пристап до преку 140 милиони евра.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top