-Партиските лидери да преземат одговорност и да ги стават интересите на државата пред партиските- кратко изјави специјалниот пратеник на Германија Јоханес Хајндл по денешните средби во Тетово со лидерите на ДУИ Али Ахмети и на ДПА Мендух Тачи.
Хајндл по разговорите со Ахмети и со Тачи во нивните партиски седишта, за медиумите само рече дека неговите ставови остануваат на линија на претходните соопштенија на високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини и еврокомесарот за проширување Јоханес Хан.
За средбите на Ханјдл со Ахмети и Тачи ДУИ и ДПА испратија соопштенија.
Ахмети, како што информира партијата, го запознал Хајндл со последните случувања во земјата и ја поздравил одлуката на Уставниот суд по иницијативата на ДУИ која овозможи враќање на Собранието и откажувањето на изборите на неодредено време, како и за создадената законска можност за повлекување на одлуката на Иванов за помилување и гаранција за продолжување на работата на Специјалниот обвинител.
ДПА соопшти дека Тачи на средбата истакнал оти причинителите на кризата ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ продолжуваат со еднострано и неодговорно однесување за прашања кои беа дел од преговорите и за кој требаше да се постигне консензус меѓу четирите најголеми политички партии, со посредство на претставници на ЕУ и на САД.
Со средбите со лидерите на ДУИ и на ДПА, Хајндл ги заокружи разговори со потписниците на Договорот од Пржино. За политичката криза во Македонија и можностите за нејзино надминување, спрецијалниот германски пратеник вчера во Скопје разговараше и со лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, Никола Груевски и Зоран Заев, а беше примен и од претседателот Ѓорге Иванов и од претседателот на Собранието Трајко Вељаноски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.