Астмата е една од најчестите хронични болести во светот и повеќе од 330 милиони луѓе ширум светот имаат астма. На глобално ниво, таа е товар за општеството бидејќи годишно има повеќе од 500 илјади хоспитализирани пациенти, а половина од нив умираат. Во Македонија речиси три децении нема смртен случај од астма. Пред 100 и повеќе години состојбата на астмата се дефинирала со синтагмата „астматичарите гушејќи се, остаруваат“. Таа синтагма денес јас ја менувам во „астматичарите живеејќи нормално, доживуваат длабока старост“, вели професор д-р Ангелко Ѓорчев, национален координатор за астма од Клиниката за пулмологија и алергологија.
Мотото на годинашниот Светски ден на астмата е „Вие може да ја контролирате астмата“. Како се контролира една од најчестите хронични болести?
ЃОРЧЕВ: Денешниот степен на развој на научната мисла во лекувањето на астмата не подразбира излекување, туку контролирање на една долгогодишна хронична болест која започнува уште во детството. Тоа подразбира еден систем мерки кои овозможуваат да се достигне тој тераписки идеал кај болните од астма што се нарекува целосна контрола на болеста, која се достигнува тогаш кога пациентот нема никакви симптоми, никаков наод при слушање на белите дробови и нормална белодробна функција. Тоа се трите главни цели што треба да се достигнат во контролата на астматичната болест. Во тие цели што треба да се достигнат се подразбира и нормална физичка активност. Во светот секоја година се одбележува Светскиот ден на астмата и претставува добра можност за промоција на националните антиастматични кампањи. Во Македонија ние го започнавме тоа многу одамна, уште во 80-тите години, така што сме далеку пред многу земји. Во глобалната иницијатива за давање севкупна грижа за болните од астма, Македонија е во самиот врв на таа иницијатива и е пример не само за регионот, туку е пример и во светски рамки за тоа како е организирана таа служба која е во интерес на пациентите и која овозможува оптимална грижа за овие болни.
Од која година се лекува астмата?
ЃОРЧЕВ: Астмата, практично, се лекува од самото раѓање и пред тоа, во текот на бременоста, затоа што во светските препораки постојат превентивни мерки кои треба да ги применува една жена болна од астма која е бремена за да може да роди здраво бебе. Грижата за бремените жени болни од астма започнува уште со самото породување. Постојат насоки што смее, а што не смее да јаде, како да ја контролира својата болест, колку често да оди на гинеколошка и на пулмолошка контрола, кои лекови се дозволени во бременоста. Превенцијата на астматичната болест почнува уште „интраутерино“ и со самото раѓање. Во македонската национална програма ние имаме набележано мерки што докторот треба да ги преземе во текот на бременоста, пред породувањето и по породувањето. Заради таквиот пристап ние имаме многу бремени жени болни од астма кои родиле две, три, па дури и четири деца. Се сеќавам на една пациентка, Марија, која иако беше болна од тешка форма на астма, роди пет здрави деца. Но, со контрола на болеста, ако прима соодветни лекови во оптимални дози, тогаш нема проблеми.
По што се разликува астмата во детската возраст од таа во повозрасна доба?
ЃОРЧЕВ: Детската астма во 95 отсто од случаите е алергиска астма. Астмата кај возрасните во поголем дел е неалергична, неатопична болест, каде што не се открива инкриминиран алерген. Алергиската астма има подраматичен тек, но полесно се лекува, а кај неалергичната астма лекувањето е, исто така, слично, но си има свои карактеристики. Дозите на лековите што спречуваат да не дојде до симптоми кај децата се помали. Палетата на лекови мора да биде добро одмерена заради возраста на пациентот. Ако дадеме големи дози на одредени лекови кај децата, тоа може да има одредени реперкусии.
Дали нападите може да бидат предизвикани од алергија на храна?
ЃОРЧЕВ: Да. Но, тоа не значи дека една атопична индивидуа или лице кое е склоно на алергии, а склони на алергии се 50 отсто од светската популација, заболува од алергични болести во зависност од тоа каде тие се манифестираат – на кожата или, пак, на респираторниот или на дигестивниот систем. Алергијата е, всушност, реакција на организмот на агресија на околината. Таа агресија е перманентна, посебно во последниот век. Кога имаме внес на одредена храна во дигестивниот тракт и ако таа од одредени причини не се дигестира добро, или ако има камења во жолчката, тоа може да биде поттикнувач на една астма на дистанца.
Како се класифицираат и како се манифестираат нападите?
ЃОРЧЕВ: Астмата е енигматска болест, затоа што уште не е позната причината за нејзиното настанување. Доминантна теорија е дека мора да постои генетска заднина атопија во семејството. Сѐ повеќе се размислува за астмата како наследна болест и во интеракција со агресијата од околината доаѓа до клиничка експресија на астмата. Има сè повеќе докази за тоа дека има промени и дефекти на одредени хромозоми, на одредени гени. Тие се лоцирани и во светот се работи на тоа. Во научниот свет постои една љубопитна возбуда што ќе се случи на планот на разјаснување на таа голема енигма или мит што се нарекува астма. Оваа болест има илјада лица и се манифестира на најразлични начини. Секој пациент има своја астма, свои симптоми, свое време на појавување, своја тежина на болеста. За оваа болест е потребно интердисциплинарно знаење за да може да се дизајнира оптимален тераписки план кај секој поединечен пациент. Кај болните прво се јавува една така наречена аура, која подразбира гребење во грлото. Потоа се јавува кашлица, прво послаба, а потоа сѐ посилна, интензивна и незапирлива и во тој период ако искашла еден густ леплив секрет пациентот ќе се смири. Ако не искашла, продолжува со „свирење“ во градите. Постои лесна, средна и тешка форма на астма со одредени свои функционални карактеристики по кои се препознава болеста. Астмата е и атмосферска болест бидејќи при промена на времето, симптомите се интензивираат, особено ако е влажно времето. Ако кај оние пациенти што имаат ноќни напади кои уште се нарекуваат и ненадејно катастрофални, падне функцијата за повеќе од 50 отсто, тие се кандидати за ненадејна смрт во раните утрински часови.
Македонија, по САД и по Велика Британија има национална програма за дијагностицирање и за лекување на астмата. Може ли да ни кажете нешто повеќе за тоа?
ЃОРЧЕВ: Навистина е задоволство сега, по толку години, да констатираме дека ние први во светот го сфативме значењето на унифицирани дијагностички и тераписки модалитети. Првата национална програма и план беше инаугурирана во Британија и во САД и јас враќајќи се оттаму имав можност да присуствувам на инаугурацијата на овие програми и си дадов задача да го напишам првиот македонски национален консензус за дијагноза и за лекување на астма во Македонија. Првата книга, која беше подготовка за националниот консензус, содржеше обуки за докторите. Тоа беше монографија која претставуваше вовед во националниот консензус и на тој начин „заразивме“ цела генерација доктори да се занимаваат со оваа проблематика. Потоа се отвори првиот центар за астма на Клиниката за пулмологија, каде што на пациентот му се прават сите дијагностички тестови и добива едукација, каде што се демонстрира инхалациска техника. Денес имаме 20 регионални центри за астма низ Македонија, нема трошоци кои порано ги правеа пациентите за да дојдат во Скопје на преглед. По повеќе од 20 години со гордост може да кажеме дека немаме смртен случај од астма затоа што во таа стратегија најважно е пациентот да биде добро едуциран и да се инсистира да зема превентивен третман што ќе спречи да не доаѓа до напади, до клиничка манифестација, да нема симптоми и да има нормална белодробна функција и живот достоен за човекот. Пред 100 и повеќе години состојбата на астмата се дефинирала со синтагмата „астматичарите гушејќи се, остаруваат“. Оваа дефиниција денес ја менувам во „астматичарите живеејќи нормално, доживуваат длабока старост“, а тоа го поткрепувам со моите десетина и повеќе пациенти кои наближуваат кон деветтата и кон десеттата деценија од својот живот.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
Фото: Александар Ивановски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Шок во Бордо: Суботиќ во бесознание, доби удар од голманот на Ст.Етјен
-
Кузмановска: Неспособната власт ги задолжи граѓаните за нови 21,1 милион евра
-
И јас трпев насилство од поранешниот партнер: Министерката си ја отвори душата!(видео)
-
Руси масовно дрифтаат во снег, ни полицијата не им може ништо (Видео)