Марјан Станојевиќ (17) од скопската населба Тафталиџе повторно е дома. Неговите родители од 25 април не знаеја каде им е детето. Последната информација од полицијата била дека Марјан бил виден во Ресен, а потоа и дека заминал за Србија.
Според неговата мајка, Вики Станојевиќ, Марјан уште од првиот ден на исчезнувањето самиот заминал за Белград. „Едноставно, решил да го види Белград. Детето само решило така и се качило да автобус и заминало“, вели Вики.
Таа објаснува дека Марјан имал лична карта и со тој документ ја поминал границата. Родителите на Марјан добиле некаква информација дека нивниот син бил виден во Белград како проси. Тие заминале таму и преку телевизијата Пинк и лепење плакати по улиците на Белград упатиле апел за исчезнато лице. Откако добиле некакви подетални информации дека детето просело во Нов Белград, Марјан преку македонската амбасада бил пронајден и предаден на родителите.
Според приказната на Марјан, тој во трамвај се запознал со некое младо момче, кое му ветило дека ќе му помогне. Марјан бил однесен дома кај момчето и неговиот брат. Тука неговите нови „пријатели“ го мечеле, го тепале, го пресоблекле како просјак и го терале да проси за нив. Тие му го дале и мобилниот број за да им јавува каде е и колку пари заработил. Марјан успеал да им избега, а неговите киднапери полицијата веднаш ги приведе.
Марјан и неговите родители рано утрово се вратија во Скопје.
-Детето е исплашено, измалтретирано и премалено, а утре ќе одиме и на детален лекарски преглед, вели Вики Станојевиќ.
Марјан има 17 години и оштетен вид. Носи очила со голема диоптрија. Во мај требаше да прави операција на очите во Србија. Сѐ им било закажано, парите биле собрани. Марјан последен пат бил виден на 25 април во Градскиот трговски центар, со напис пред себе, со апел за помош за пари за неговата операција. Тогаш ѝ се јавил на мајка му, рекол дека доаѓа, и оттогаш исчезнал.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.