Зошто Груевски сака да седне на дијалог со Црвенковски?
Македонската политичката сцена влегува во се покомплицирана состојба. Најавите дека целта на сите есенски блокади кои СДСМ ги приреди во Собранието се со цел да се креира политичка криза, станаа реалност. Дури и оние малкумина кои поверуваа дека СДСМ се загрижи за буџетот на државата и реши да биде агресивна во Собранието, сега веќе се на чисто дека тоа не било така. СДСМ свесно одигра натпревар во кој немаше за цел да го скрати или редуцира буџетското трошење, туку имаше за цел да предизвика таква политичка состојба заради која Република Македонија ќе мора да оди на предвремени парламентарни избори.
Ако добро се потсетите, сигурно ќе успеете да лоцирата два клучни моменти во претходната есен кои погледнато низ денешната призма даваа голема тежина на најновите случувања. Првиот е неуспешниот обид на СДСМ по пат на интерпелација, а искористувајќи ги меѓуетничките односи, да направи удар врз внатре коалиционите односи помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Вториот момент е кога на барањето за предвремени избори, ВМРО-ДПМНЕ, преку министерот Зоран Ставревски, експресно соопшти дека нема намера да ги исполнува желбите на Црвенковски и дека има намера да продолжи со реализација на своите проекти. Тоа накратко беше и стартната позиција од која опозицијата, во ликот на СДСМ, започна да најавува и реализира заострување на политичката сцена во државата. На СДСМ и стана јасно дека Владата има сериозна подршка во мнозинството пратеници, од албанскиот партнер во владата но пред се во мнозинството на граѓани и дека скоро е невозможно да се очекува нејзино рушење по институционален пат. Дополнително, есенската анкета на ИРИ која покажа нов пад на рејтингот и на СДСМ и на Црвенковски, беше некаков вид на аларм за блиското опкружување на лидерот на опозицијата дека е неопходна брза акција за драстични промени на политичката сцена.
Но брзите реакции на СДСМ не секогаш оставаа впечаток на одлучност и искреност во намерата да се промени на подобро ситуацијата за граѓаните. Тие често за нив беа непродуктивни и со силен контра ефект. За да предизвика проблеми, СДСМ најпрво започна да го блокира законите со кои беше предвидено покачување на пензиите и социјалната помош. Аналитичарите на тоа велеа дека СДСМ брза и не мери што смее, а што не смее да стави во залог за остварување на своите политички цели. Дури и членовите на СДСМ беа доведени во недоумица и не знаеа да си објаснат зошто СДСМ реши да се спротистави на позитивни мерки кои требаше да ги добијат граѓаните во услови кога најголем број на европски влади се соочуват со барања да не се штеди во екот на економската криза.
Таквата состојба, но со различни алатки, неколку пати ни се повторува се до денес. СДСМ овие денови е на улица. Не е со голем број на граѓани, но е на улица. Не е тајна дека на овие протести присутни се вработени низ општините и јавните претпријатија каде тие се на власт и дел од нивното членство, кое по список, заедно со своите фамилии, имаат обврска да се појавуваат на секој од собирите на опозицијата. Бројките кои ги гледаме низ градовите не се ни десетина од она што бевме привикнати да го гледаме како број на присутни на просечен предизборен собир. Тоа е сериозен сигнал, кој опозицијата сигурно го гледа, дека ваквата политика не само што не добива подршка од неутралните граѓани, туку не добива ниту широка подршка од целокупното членство на СДСМ и нивните традиционални гласачи. Очигледно е дека на оваа група од луѓе мирот, стабилноста и разумот им се многу позначајни од политичката кариера на нивниот претседател.
Одлуката на СДСМ да ги бојкотира локалните избори доколку власта не прифати заедно со нив да има и предвремени парламентарни избори е нешто што овие денови најмногу може да се забележи како причина за дебата. Сите денес анализираат дали опозицијата, СДСМ, односно Бранко Црвенковски се навистина одлучени да ги бојкотираат изборите или ќе одиграат уште една блеф партија како онаа пред одржувањето на изборите во 2011 година кога истата СДСМ, предводена од истиот претседател постави 5 услови за учество на изборите. Условите кои СДСМ ги постави беа над реалните можности и очекувано, тогашната и сегашна власт не ги исполни, а СДСМ сепак си се појави на изборите. Некои велат дека овој пат Црвенковски навистина нема да попушти, но некои велат дека неговите настапи и речник не даваат многу простор за очекување на рационални постапки. Дополнително, очигледното несогласување внатре во СДСМ околу одлуката да се бојкотираат локалните избори станува се подлабоко и подлабоко. Никој не очекуваа дека неколкуте сигурни градоначалници или кандидати за градоначалници туку така ќе се откажат од реалната политичка моќ која ја имаат и во своите општини, но и внатре во СДСМ. Дополнително, фактот дека со една таква одлука, Црвенковски практично ќе ја бетонира СДСМ во една длабока деинституционализирана опозиција најмалку во наредните три години и дека со тоа никој член на СДСМ нема да може да се надева на некој бенефит, советничко или директорско место, вработување или нешто слично, не остава многу простор за прифаќање на тезата дека Црвенковски навистина ќе може да го издржи притисокот и да ги обвистини заканите за бојкот.
Малку неочекувано, но сепак секојдневно меѓународната заедница не пропушта шанса да го истакне својот став дека ниту се согласува со бојкот на изборите, ниту се согласува со напуштањето на Собранието. Република Македонија е суверена држава, но значајната улогата на дипломатите во Скопје врз домашната сцена никогаш не била доведена во прашање. Дури и поранешниот претседател на СДСМ, Владо Бучковски дефинира лош однос на СДСМ: “Во оваа игра на нерви, СДСМ демонстрира голема нервоза, а неговите првенци и медиумски поддржувачи влегуваат од грешка во грешка. Се отвори војна со сите (за волја на вистината овој период на конфронтации трае неколку месеци), и со оние што треба и со оние што никако не треба или не смее! Први на удар по црниот 24 декември, се најдоа претставниците на меѓународната заедница заради нивните изјави по тој повод. Се напаѓаат и САД и ЕУ, и комесарот Филе и амбасадорот Волерс. Неверојатно!”.
Затоа Црвенковски е пред тешка одлука, да ја прифати реалноста, да го прифати очигледното несогласување внатре во СДСМ со неговата одлука за бојкот и да ги прифати повиците од меѓународната заедница (со тоа повторно да изгледа како блефер) или до крај да ја изведе својата операција за бојкот на изборите и најавената можност, од страна на Гордан Горгиев, за одложување на конгресот на СДСМ, кој според најавите требаше да се одржи токму после овие избори. Токму за тоа Зоран Димитровски, главен и одговорен уредник на Нова Македонија го вели следното: “Тажно беше минатата недела да се гледа изјавата на потпретседателот на СДСМ Гордан Георгиев дека партијата се залага за дијалог со власта за решавање на политичката криза! Па нели, Гордане, најавувавте „герилска борба“ за освојување или за блокирање на институциите? Само неколку дена подоцна, откако во Скопје дојде директорот на Директоратот за проширување на ЕУ, Стефано Санино, од бенгалски тигар што ја ваби својата жртва на Илинденска б.б. се претворивте во сијамско маче што преде пред својот газда!”
Дали омекнувањето во речникот на опозиционерите, кои прво говореа за битки, герила и арапска пролет, а денес зборуваат за неопходност од дијалог значи припрема на јавноста за ретерирањето на СДСМ кон реалноста, ќе видиме во следните две до три недели. Време нема многу. Токму сега СДСМ требаше да одлучи кои ќе бидат останатите кандидати за градоначалници. Токму сега СДСМ требаше да ги составува советничките листи на кои позиции се надеваа повеќе членови и активисти на опозицијата. Сето тоа го нема. Дали деновиет се предолги или СДСМ навистина ќе одигра последна игра за спас на Црвенковски исто така не може во целост да се прогнозира. Но она што може да се види е дека после овој циклус СДСМ никогаш нема да биде големата и силна ”државотворна” партија.
Според изјавите од владејачката ВМРО-ДПМНЕ овојпат тие се одлучни да не дозволат желбите и личните хирови на Црвенковски да ја диктираат политичката агенда во државата, преку постојано испорачување на барања за предвремени избори и создавање на преседани кои се штетни за државата, но сепак како што велат, се подготвени и определени да го извадат Црвенковски на чистина, и преку дијалог да го убедат да оди на локални избори, кои апсолутно ќе бидат фер и демократски. Токму за ваквата состојба, дел од медиумите (Нова Македонија) коментираа: “Во моментов СДСМ и Црвенковски се во слеп завршеток на својот лавиринт, барајќи од ВМРО-ДПМНЕ и од Груевски да донесат машинерија (но прифатлива за сите партии), која би направила дупка во ѕидот на тоа место за да излезат по пократок пат. Но од другата страна ВМРО-ДПМНЕ и Груевски одговараат дека не само што нема да го урнат ѕидот туку и ќе го зацврстат ако треба, а на противникот му порачуваат да излезе откај што влегол во лавиринтот.”
Деновиве се погласно се говори за неопходноста од дијалог, па дури и радикалните изјави на Црвенковски, кои според многумина звучеа патетично, од типот одиме до крај, можеби и нема да се видиме со пратениците, ќе спиеме по улиците, ќе има крв, ќе вратиме до трето колено итн., сега сфаќајќи дека нема поддршка ниту кај странците, ниту пак во домашната јавност, многу лесно во негов стил ги промени со апели за дијалог. Аналитичарите велат дека дијалог најмногу во една ваква ситуација му одговара на Груевски, кој му покажа на Црвенковски кој е кој во оваа ситуација, па сега му преостанува уште да го врати на маса, и да го победи на локалните избори, со што ќе ја заврши неговата кариера.
Во едни такви околности, дури и да не излезе Црвенковски на избори, откако ќе седне на маса, ќе ги фрли во вода сите закани, и сите радикални постапки кои ги правеше или ги најавуваше, а уште повеќе ќе нема тоа како да им го објасни на своите членови, кои иако во мал број, сепак мрзнеа по улиците низ државата, како ќе им каже зошто ги навлече на ова лудило и зошто си поиогра со нивните чувства. Но тоа нема да е ни прв ни последен пат од него, велат аналитичарите според кои сега ВМРО-ДПМНЕ и Груевски треба да чекаат и да пружат рака кон Црвенковски, а потоа времето ќе си го направи своето, а СДСМ ќе ги чека период на внатрешно пресипитување и потрага по лошата совест и виновникот кој ги доведе до оваа ситуација.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


