| четврток, 6 декември 2018 |

Македонскиот амбасадор во Унгарија: Има надеж дека не сме заборавиле дека пред сè сме луѓе

Додека секојдневието ни е исполнето со опседнатост со политика, оговарања, занимавања со другиот, трчање по пари и слава, тоа што го видов денес сепак дава надеж дека не заборавивме дека пред сè сите сме луѓе. При денешната страотна незгода со македонскиот автобус во Унгарија, имаше две добри вести, едната дека немаше трагичен крај, а втората што 28 луѓе од кои повеќето не се познаваа, во сета несреќа излегоа солидарни, можеби и пријатели за навек. Меѓу нив имаше неколку вистински херои кои, иако повредени, непосредно по незгодата несебично повеќе пати се вратиле во уништениот автобус со свои раце да ги извадат и со тоа спасат останатите патници. Да сме живи и здрави, човечни и да уживаме во тоа што го имаме, се друго е помалку битно – напиша на „Фејсбук“македонскиот амбасадор во Унгарија, Даеко Ангелов, по вчерашното излетување на македонскиот автобус на 50 километри пред Будимпешта.

Автобусот на агенцијата „Тото“ кон Прага тргнал во петокот околу 1 часот по полноќ. Слета во канал 50 километри пред Будимпешта, кај градот Гор. Во автобусот имало 28 патници, од кои најголем дел се македонски државјани, четворица биле од Чешка и тројца од Бугарија. Според „Дневник“ тројца возачи биле ангажирани од агенцијата „Тото“, кои по неколку часа возење се менувале зад воланот за да не се уморат од возење, па неизвесно е дали се точни информациите на унгарските медиуми дека и возачот подзаспал кратко пред несреќата.

Kога автобусот буквално излетал од патот и слетал во малиот канал, дел патници не можеле да се помрднат од местото поради повредите. Сепак набргу тие што биле во добра состојба и што се освестиле од првичниот шок почнале да се организираат и меѓусебе да си помагаат за да го напуштат автобусот, што можеби било пресудно сите навреме да се спасат и потоа да им биде укажана помош. На пат за Прага со своите родители заминале и две деца, кои, за среќа, според првичните информации, не се повредени.

Според Ангелов тројцата кои првично, неколку часа по несреќата, беа во критична состојба сега се стабилни. Уште петмина од повредените ќе останат неколку дена во болница, по што ќе им биде организиран болнички превоз до Македонија. Другите што не биле повредени или имале полесни повреди, вчера го чекаа сопственикот на агенцијата, кој тргнал на пат за Унгарија, по што се очекуваше да одлучат дали ќе се вратат во Скопје или ќе го продолжат патот за Прага.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top