| четврток, 6 декември 2018 |

Евакуиран авион на „Рајан Ер“ поради подметната бомба

Авион на ирската ниско буџетска компанија „Рајан Ер“ што требаше да лета од Осло за Манчестер, беше итно евакуиран, непосредно пред да полета кон Велика Британија, пишува „Вест“.

Норвешката полиција соопшти дека евакуацијата била извршена поради сомневањето дека во авионот има бомба.

Подоцна властите соопштија дека во прашање било „недоразбирање“, но полицијата на аеродромот во Осло, сепак, уапсила две лица кои биле меѓу патниците.

Според медиумите во норвешкиот главен град, еден од патниците е Британец, а другиот од Шри Ланка, биле приведени и сослушувани, како осомничени, затоа што „чудно се однесувале“.

Станува збир за бучната расправија меѓу двајцата додека екипажот го подготвувале авионот за полетување, па другите патници кои биле на своите места, во „гласната дебата“ го слушнале и зборот „бомба“.

Компанијата „Рајан Ер“ соопшти дека двајцата патници набргу биле ослободени и се наоѓале во авионот кога полетал кон Манчестер, откако  „ситуацијата се нормализирала“.

Инцидентот се случил непосредно по откриената лажна бомба на стадионот Олд Трафорд во Манчестер, поради што беше извршена итна евакуација на гледачите и откажување на натпреварот меѓу „Манчестер Јунајтед“ и „Бормут“.

„Бомбата“ беше уништена, а експертите соопштија дека „пакет бомбата“ најдена во еден тоалет на стадионот, всушност, била неопасна направа што по грешка ја оставила една приватна фирма за безбедност откако претходно била спроведена обука за вонредни ситуации.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top