Сведоци сме на се поголемата загриженост на јавноста, особено на стручната јавност, во врска со зголемување на бројот на децата кои покажуваат симптоми на нарушувањата од aутистичен спектар.
Нарушувањата од aутистичен спектар, се невроразвојни нарушувања за кои се карактеристични три главни типови на тешкотии: нарушување во социјалната интеракција; пречки во комуникацијата и ограничени и стереотипни шеми на однесувања, интереси и активности. Со терминот „Нарушување од аутистичен спектар” (“Autism Spectrum Disorder” – ASD), постои можност да се опише континуум на поврзани нарушувања, вклучувајќи го аутизмот, Аспергеровиот синдром и первазивни развојни нарушувања.
Петтото издание на Дијагностичкиот и статистички прирачник (DSM- 5), на Американската психијатриска асоцијација, обезбедува стандардизирани критериуми за дијагностицирањето на нарушувањата од аутистичен спектар, 299,00. При што за дијагностицирање е потребно да се исполнети критериумите од сите делови, А, Б, Ц и Д, кои следат.
А. Постоење на дефицити во социјалната комуникација и социјалната интеракција, преку контексти, кои не се вброени при општо развојно доцнење и се манифестираат преку следните дефицити или недостатоци.
- Дефицити во социјално-емоционалниот реципроцитет, кои се движат од абнормален социјален приод и недостаток на следењето на текот на конверзацијата преку намалено споделување на интереси, емоции, афект и реакција се до комплетен недостаток на иницирање на социјална интеракција.
- Дефицити во невербална комуникација која се користи за социјална интеракција, од сиромашна интегрирана вербална и невербална комуникација се до абнормалности или недостаток на контактот со очи и гестови или јазикот на телото или дефицити во разбирањето и користењето на невербалната комуникација.
- Дефицити во развојот и одржувањето на релациите со други лица, кои се движат од тешкотии во прилагодување на соодветно однесување во различни социјални контексти преку тешкотии во споделување на имагинативна игра и другарување се до очигледно отсуство на интерес за други лица.
Б. Рестриктивни, повторувачки шаблони на однесување, интереси и активности, кои се манифестираат преку најмалку два начина од следните:
- Стереотипен или повторувачки говор, моторни движби или употреба на предмети (како што се, едноставни моторни стереотипи, ехолалија, повторувачко користење на предмети и идиосинкретички фрази).
- Прекумерно придржување на рутини, ритуализирани модели на вербално или невербално однесување, или прекумерен отпор кон промени.
- Високо рестриктивни, фиксирани интереси кои се абнормални по интензитет или фокус.
- Хипер или хипо – реактивност на сензорни дразби или невообичаен интерес за сензорните дразби од околината.
Ц. Симптомите мора да се јават во раниот детски период (иако во почетокот не мора да бидат со комплетна манифестација).
Д. Симптомите го лимитараат и го нарушуваат секојдневното функционирање (Dickerson Mayes, Black & Tiemey, 2013).
Со студијата, направена 2014 та година, за детекција на деца со ризик за нарушување од аутистичен спектар, се опфатени вкупно 318 деца, на возраст од 1 до 3½ години, од 7 детски градинки од различни општински подрачја во Скопје. Од вкупно 318 деца, кај 43 или 13.5% постои еден или повеќе аутистични симптоми. Од нив 29 или 9% се со низок ризик за нарушување од аутистичен спектар, 5 или 1.6% имаат среден ризик и потребно е да се испратат кај специјалист за аутизам, додека 9 деца или 2.8% од децата, се со висок ризик и веројатност дека ќе се дијагностицира нарушување од аутистичен спектар, што претставува висок процент и алармира на превземање мерки за нивно дијагностицирање, третман и тимско следење. Со оваа студија се потврдува потребата од континуирано следење на развојот на децата во првите три години. Тргнувајќи од фактот за есенцијалното значење на раната интервенција на нарушувањата од аутистичен спектар, произлегува значењето на раната детекција и идентификација на децата со ризик за ваквото нарушување, нивното упатување на преглед и дијагностицирање од страна на специјалист.
Резултатот кој покажа постоење на висок ризик за нарушување од аутистичен спектар кај 2.8% од децата, е приближен на резултатот прикажан во една норвешка студија, во која со скрининг прашалник за нарушувања од аутистичен спектар се идентификувани 2.7% од испитаните деца (Posserud MB, Lundervold AJ, Gillberg C, 2006). Но, е многу висок во споредба со податокот за преваленца на Нарушувања од аутистичен спектар во САД од 2006 година кој изнесува 0.9% (Centers for Disease Control and Prevention (CDC), U.S. Department of Health and Human Services, Atlanta, 2006). Или ако се спореди со резултатот од 2007 год., за преваленца на Нарушувања од аутистичен спектар во САД, кој изнесува 60 случаи на 10 000, односно 0.6% (Newschaffer C J et all., 2007).
Во Македонија се потребни понатамошни поопсежни студии, кои ќе придонесат за поточно согледување на состојбата и ќе дадат допринос во превземање мерки за создавање услови за рана интервенција.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Нермин Теловска, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ: Секоја одлука на еден ваков состав на ИК ќе води кон заедничко добро во државата
-
Активности и стратегии кои го помагаат говорно-јазичкиот развој кај детето
-
Шести март, Европски ден на третманот на нарушувањата на говорот и јазикот
-
6 Mарт: Европски ден на третманот на нарушувањата на говорот и јазикот