| четврток, 6 декември 2018 |

6 Mарт: Европски ден на третманот на нарушувањата на говорот и јазикот

 

Nermin-Telovska-200

м-р Нермин Теловска, претседателка на Одборот на логопеди при Сојузот на дефектолози на Република Македонија

Одлуката за создавањето на Европскиот ден на третманот на нарушувањата на говорот и јазикот ја има донесено Постојаниот комитет за врски на логопедите во Европската Унија (CPLOL – Comité Permanent de Liaison des Orthophonistes / Logopedes de l’Union Européenne), во кој членуваат 35 национални професионални организации на логопеди.

Одбележувањето на овој Европски ден, има цел зголемување на свеста за логопедската професија и јавната свест за нарушувањата на вербалната комуникација како и нивното влијание врз човековото здравје. Пораката на овој ден е дека преку размена на знаења и искуства низ цела Европа може полесно да се дојде до спречувањето на овој вид нарушувања или подобра превенција од нивните можни компликации. Секоја година се предлага една тема и често се користи заеднички слоган и заеднички материјали.

Темата на Европскиот ден 6 март оваа година е диспраксија, за која на јавноста ќе ѝ се овозможат многу информаци преку најразлични активности и форми, како:

  • Инсталирање на телефонска линија, така што луѓето можат да се јавуваат и да поставуваат прашања;
  • Проекции на видео, филмови, телевизиски емисии за учениците во училиштата, градинките, болниците или за ординации;
  • Дистрибуција на флаери и постери во училиштата, градинките, болниците и во други установи;
  • Вклучување на медиумска кампања, со написи во списанија, весници, телевизија и радио, фокусирајќи се на интервјуа со пациенти, како и со професионалци;
  • Организирање прес-конференции;
  • Интервјуа, да се добие увид за тоа колку се луѓето упатени во логопедската професија, како и во третманот на нарушувањата на говорот и јазикот.
  • Организирање симпозиуми;
  • Организирање јавни трибини;
  • Средба со членовите на владини органи итн.

Диспраксијата (Dyspraxia) претставува делумен губиток на способноста за изведување координирани движења со рацете или со нозете. Последица е на развојно нарушување во моторната мозочна сфера. Диспраксијата предизвикува проблеми со движењето, координацијата, организацијата во просторот и при обработката на сензорните информации.

Знаците се јавуваат многу рано во детскиот развој. Бебињата обично веднаш по раѓањето се немирни, нервозни и со солзи во очите и имаат проблеми со исхраната, а подоцна се јавува доцнење во општиот психомоторен развој, што значи задоцнето седење, задоцнето проодување, напади на „тврдоглавост“, често паѓање. Понатаму детето има проблеми да научи да вози велосипед, избегнува некои детски игри заради тоа што е неуспешно во изведбата на моторните дејствија како скокање, прескокнување и слично. Се јавуваат тешкотии со користењето на приборот за јадење, често истурање на сокот, млекото или друга течност. Овие деца имаат слабо развиена фина моторика, поради што имаат тешкотии во држењето на пенкалото и сечењето со ножици.

Што се однесува на стратегијата, за детето со диспраксија, најважно е да има разбирање од страна на социјалната средина, односно од семејството, другарчињата, градинката и училиштето. Ако има проблем, да му се помогне на детето во социјализацијата. Најчесто овие деца не се добро прифатени во спортски тимови, поради нивната неспретност, што може негативно да се одрази на нивниот емоционален живот. Овие деца мора да се вклучат во физички активности, многу повеќе од останатите. Потребни се вежби за фини моторни вештини преку игра, закопчување копчиња, сечење со ножици, врзување врвки за чевли, пишување и слично, како и вежби за крупната моторика, за просторната организација и за социјалните вештини.

 

 

 

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top