Во моментов, околу 1.000 ликови ја користат непресушната Соросова „донација“. 780 во НВО и 200 во опозицискиот медиумски сектор, можеби не толку професионален, колку податлив. Но и кај нив има една драстична, кастинска разлика. На врвот се малкуте, вечни и исти соросоиди, а поданиците се нарекуваат сорософили. Едните заповедаат, другите на свои плеќи исполнуваат. Првите, како и сите штетници, се приспособливи до бескрај…
„…Тогаш дојде време Сорос да го молиме,
да ни даде некој долар – да не пропаднеме,
да не пропаднеме!“
Лето господово 1993, оваа комична песна беше дел од средношколска претстава во тогашното ДУСО „Орце Николов“. Прогресивна и саркастична, алудираше на тогашната катастрофална економска состојба, како и на толку потребните инјекции од унгарско-американскиот „филантроп“ за сите сфери во државата. Од тогашната политичка номенклатура финансиски помагала дочекани со голем мерак во тие безобразни времиња, кога одморот и автомобилот означуваа краен луксуз за Македонецот. Прогресивните средношколци воопшто не беа шарени. Беа еднобојно модерни, настрана без дневница, или какво и да е ветување и помисла на неа, па поведени од своите аполитички убедувања идеалистички се подбиваа со тогашното општествено уредување. Оттогаш поминаа цели 23 години. Веќе не сонуваме за „југо корал“, кое сега чини 150-200 евра, ама „со плин“, а прашањето за заминување на одмор не е „дали“, туку – „каде“…
Сепак, многу работи останаа исти. Како и ликот на тие што имаат корист од Соросовата „кауза“. Ах, да, „Орце Николов“ сега е СУГС, гимназија, а тогаш беше со насочено образование. Непроменливиот, балсамиран дел од популацијата, избраните десетици, пак, сѐ уште се хранат на истата, непресушна града. Така е преку ден, а навечер исцицаното го истура на шарени протести. Најверојатно, заспиваат со цуцла-лажливка со изгравиран Соросов лик, сонувајќи мирно за идните „донации“ и задоволни од истурената боја по македонските споменици. Албанските не се интересни, иако се дел од истиот проект. Така, веројатно, рекол Сорос. Поверојатно, сивата еминенција Милчин. Новата Фани е премногу „фани“ (смешна), што би рекле финансиерите, нели… Можеби звучи грдо да зборувате за „градата на Џорџ“, но многумина од македонските консументи на неговите „добра“, ако воопшто постои што и да е добро во целата негова прикаска, ги оправдува токму „инаквата“ сексуална ориентација. Другите, можеби се хетеро, но тоа нема врска со сексуалната определба туку се однесува на валутата. Примаат секаква: евра, долари, денари, круни, рубли, франци, динари, фунти. Не е битно какви, битно е да се пари, омилена и заедничка категорија за сите статисти и „јунаци“ инволвирани во Соросовата драма на македонскиот шареноумен „слободарски“ апсурд.
АФИНИТЕТ: АКО НЕ „ЏВАКАТЕ“, ТОГАШ СТЕ ПОДОБЕН ЗА СОРОСОФИЛ
И така, шегобијната песна на 17-годишните средношколци, следните 23 години една група Македонци – по географска определба, а, за жал, не и национална, ја пее постојано достигнувајќи го своето крешчендо. За вокалните способности, популарните Соросоиди досега успеаја да инкасираат неверојатни 100 милиони евра во џебовите. Небаре се „Ролинг стоунс“, нели… Во моментов, најмалку 1.000 ликови ја користат непресушната „донација“: 780 во НВО и 200 во опозицискиот медиумски сектор, можеби не толку професионален колку податлив. Но и кај нив има една драстична, кастинска разлика. На врвот се малкуте, вечни и исти соросоиди, а поданиците се именуваат како сорософили. Едните заповедаат, другите на свои плеќи беспоговорно исполнуваат. Првите, како и сите штетници, се приспособливи до бескрај. Ја знаете прикаската за глувците, кои веќе не реагираат на отров наменет за нив. Да, една од теориите за ителегенцијата е приспособливоста на ситуации, но нашиве вечни „јуришници“ поверојатно се штетници. За нив, посоодветна би била теоријата дека по нуклеарна војна би преживеале само лебарките, заедно со нашите вечни, недопирливи НВО и медиумски ликови што опстојуваат 20 години. Исти, балсамирани и полни со готовина и со странски проекти.
Сепак, и таму не се сите исти. Иако „револуционерите“ сакаат токму така да се прикажат. За жал на вистината, не нивната, и натаму само истите десетина ја чувствуваат вистинската благодат на милјардеровата каса. Статистиката покажа дека останатите 990 работат за минималец, но со убедување – ако СДСМ дојде на власт, платите ќе пораснат. Потребна им е само „малку“ боја, која ги чини речиси половина плата, насушен влог во подобра и поисплатлива иднина. Проблемот е што никој од нив не прашува – што бидна со милионите на Сорос? Веројатно, преокупацијата со „битката“ за слобода и соборување на „режимот“ не им дава време да се прашаат за ова. А времето не е проблемот, сѐ што треба е да почнат да ги „џвакаат“ ставовите и информациите од тие што имаат придобивки од Соросовиот колач. Не мора сите, барем секој втор залак. Макар и трет…
Македонското минато, пак, го открива непресушниот и зголемен апетит за нови „инвестиции“ во медиумите и НВО. Годинава, влогот се зголеми на цели 5,3 милиони евра, рекорд во досегашните „донации“ на ФООМ. Математички, пак, влогот на Сорос и не е толку голем. За досега вложените 100 милиони долари или евра, тој добил 12 години владеење со една држава чисти како солза (1991-1998, 2001-2006). Во просек, тоа го чинело околу осум милиони годишно, а, најверојатно, во тој период од своите македонски послушници добил многу, многу повеќе. Да не заборавиме, Џорџ Сорос, сепак, е бизнисмен, макар бил милијардер, а Македонија како „играчка“, можеби, е мала, но многу е интересна според својата географска местоположба. Другата страна на прикаската е дека за 25 години постоење на државата, него го чинело четири милиони по година да ја тресе со сите измислени глупости, малверзации и лаги на неговите посинети македонски чеда. За еден од најбогатите луѓе во светот, ова е голем ќеф за малку пари. Помалку од два долара по жител годишно. Ситница или капка во морето на Соросовиот океан…
ИНВЕСТИЦИЈА ВО НЕУСПЕШНА ОБОЕНА РЕВОЛУЦИЈА
Колумнистот и поранешен јавен обвинител Сотир Костов, чувствува потреба прво да ги дефинира работите и состојбите. Вели, прво и основно е да се дефинира дали во Македонија има диктатура, нацизам, фашизам и диктатор?
КОСТОВ: Многу често, и исто толку неосновано, припадниците на Отвореното општество, или фондацијата на Сорос, Зоран Заев и врхушката на СДСМ така милуваат да го нарекуваат политичкиот систем на парламентарна демократија во РМ, власта и начинот на нејзиното владеење и, секако, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ. Веднаш да кажам дека се работи за непознавање на работите, состојбите и поимите на политичката мисла и теорија, но и на практичната политика. Ако, пак, не е непознавање, тогаш е тенденциозно и злонамерно извртување на реалната состојба во нашата држава и нејзино гледање со розовите очила на Семјон Семјоновиќ (лик на рускиот автор на апсурдот Данил Хармс, кој не може, не знае, не сака и не смее да ја гледа, перцепира и разбира реалноста таква каква што е), кога на легален политички систем се гледа како на режим, кога на парламентарна демократија ѝ се лепи етикета на диктатура, и кога лидер на политичка партија со највисок рејтинг меѓу граѓаните на Македонија, неосновано и крајно тенденциозно се нарекува диктатор.
Второ, треба да се препознае целта што овие субјекти, персони и ликови сакаат да ја постигнат. А таа е една и единствена: законски, легално и легитимно избраната власт во нашата држава да се спречи во извршувањето на задачите и да се собори. Во првиот дел од оваа цел, тие и постигнуваат некои резултати и, навистина, ја спречуваат власта да биде поефикасна и поуспешна. Но, за остварување на крајната цел, соборување на власта, треба да изедат уште некоја фурна леб. Немаат критична маса на граѓанство што ги поддржува, имаат погрешна стратегија на дејствување, неефикасна тактика и крајно несоодветни методи, дури, би рекол, методи спротивни на основните принципи на демократијата. Долго време дејствуваат деструктивно, а изостануваат резултатите што ги посакуваат. И тука, сега, доаѓаат валканите пари на меѓународниот моќник, човекот што парите ги заработи со берзански шпекулации, Џорџ Сорос, кој истите тие пари ги вложува во соборување легални системи и влади на новоформираните држави во Југоисточна Европа, поконкретно во Балканот, најконкретно, еве во Македонија. Значи, трета констатација е дека оваа фондација, нејзиниот менаџмент предводен од долгогодишниот, т.е. вечниот Владе Милчин, и организациите што ги финансираат(им фрлаат по некоја коска), дејствува против интересите на државата Република Македонија. Ова веќе е недозволено, ова е против интересите на државата и, секако, против интересите на граѓаните. Трпи економијата, трпи стандардот на граѓаните, трпи развојот на Македонија. Тоа мора да се спречи, тоа мора да се анулира. Причина повеќе се и применетото насилство, покажаниот вандализам и сквернавењето, нагрдувањето и уништувањето на спомениците на културата, на уметноста, институциите на државата.
Ви се молам, дали во Македонија има поединечни и масовни убиства и стрелања, дали има сомнителни исчезнувања на лица, дали има логори, дали има кланици, дали има гасни комори? Сите гледаме и знаеме дека нема! Дали има измачувања, тортури и репресии кон одделни категории луѓе, етнички групи, припадници на одделни религии, од страна на власта? И тоа го нема! Ниту го имало, ниту ќе го има. Ама, затоа има нешто друго. Бруталност, насилство, вандализам и деструктивно однесување кон институциите, спомениците на културата, припадниците на полицијата и на државата, од страна на луѓето на оваа фондација – фондацијата на Сорос – од страна на нејзините платеници, кои се замислуваат револуционери-уметници, и со бои шараат, бојадисуваат, нагрдуваат, сквернават сѐ на што „’спонтано’’ ќе наидат. Е од кога насилството и вандализмот се спонтани? Каде го има тоа? Изгледа само во прирачниците на КАНВАС! Се прашувам дали тие чуле за ненасилен отпор, ненасилни бунтови, ненасилна борба, штрајкови. Не, ни случајно. Знаат ли тие што е политички пркос. „Никогаш роб, Мирко и Славко!“ Многу брзо ќе дознаат, ќе видат, ќе почувствуваат. Кога пркосниот и мобилизиран народ – граѓаните на Република Македонија, ќе излезат на избори, и ќе решат така како што мислат, а не како што посакуваат соросоидите, канвасите и неспособните и некадарни политичари. Значи, ништо од повратниот ефект што го очекува меѓународниот неранимајко и политикантско-финансиско-шпекулантски вагабонт Џорџ Сорос. Резултат: неочекуван за нив, а посакуван од секој нормален во светот – уште една неуспешна обоена револуција.
УСТАВОТ НÈ ОБВРЗУВА ДА РАСЧИСТИМЕ СО ОВИЕ СТРУКТУРИ
Јавна тајна е дека фондацијата на американскиот моќник Џорџ Сорос финансира партии и невладини организации не само во РМ, туку и во регионот и пошироко, со цел дестабилизација на политичките системи во овие држави и соборување на нивните демократски избраните претставници на власта, вели проф. д-р Тања Каракамишева – Јовановска од Правниот факултет во Скопје, според која стотиците милиони долари што се истураат во регионот, вклучително и во Македонија, имаат една мошне очигледна и оркестрирана задача што се поврзува не само со лоби-интересите на империјалистичкиот моќник, туку и со неговиот конкретен политички естаблишмент.
КАРАКАМИШЕВА-ЈОВАНОВСКА: Во заднината на ова поголемо политичко сценарио во кое се вмешани и официјални политички структури лежи идејата за втурнување на целиот регион на Западен Балкан во системот на „црни дупки“ во светот, преку кои на моќникот треба да му биде обезбедена политичко-вазална позиција на теренот, како и неограничени можности за искористување на природните и други богатства на земјите што влегуваат во тој систем, без волјата на народот. Под поимот „црна дупка“, всушност се дефинира географско-територијалниот простор, кој треба трајно да биде дестабилизиран заради остварување туѓи агенди и, пред сѐ, на туѓи материјални и друг вид интереси. Целото сценарио има за крајна цел „политичко“ купување на државите. Тоа се случува и се прави на многу едноставен начин. Механизмите се препознаваат преку класичното дисциплинирање и политичко покорување на легитимните политичари со разни форми на уцени и закани што им стојат на располагање, преку спроведување контролирани терористички напади на терен, преку создавање вештачки граѓански немири и политичка несигурност меѓу граѓаните. Преку овие политички инструменти, моќникот сака и фактички да завладее на теренот. Политичарите место да им се покоруваат на своите гласачи, треба да им се покоруваат на странските империјалистички интереси. Тоа е крајната цел. На овој начин и практично се уништува вистинската политика. Се прави класично политичко извртување со кое треба да се создаде политички привид и илузија дека, наводно, политичарите во земјата се ориентирани кон своите граѓани, а, всушност, тие се вистински марионети ставени во џебот на странските интереси.
Преку клекнување, преку покорување и држење во раце на политичарите што ги избира народот, овие сили имаат за цел делегитимирање на државите и нивно ставање во скутот на суперсилите, секако, за реализирање исклучително на своите интереси и потреби. Дисциплинирањето на политичарите е одамна почнат процес во регионот, но и во други делови од светот каде што империјалистичкиот моќник има конкретни интереси за врзување на рацете на легитимните политички лидери. Под евентуалната борба и донирање странска помош за демократизација на политичките системи на т.н. земји во развој, всушност се случува и се спроведува еклатантна политика на наметнување вистинска режимска власт на странците на која треба да ѝ се покоруваат сите политичари и граѓани по системот на робови ако сакаат да живеат во мирновременски услови. Империјалистичкиот моќник со Гебелсов ум нема за цел внесување поголема демократија и поголема економска благосостојба ниту во Македонија, ниту во Србија, ниту во Црна Гора, ниту во Албанија. Тоа што сега е на сцена е класична форма на неофашистичка политика на политичко освојување туѓи држави со примена на современи методи и тактики на потчинување на политичарите, а преку нив и на граѓаните во конкретните земји. Тоа потчинување треба да доведе до целосна политичка сервилност на политичките елити во земјата, кои ќе бидат принудени да работат само за туѓите интереси. Токму затоа и парите што се истураат во Македонија за постигнување на овие цели се неверојатни, тие се фрапантни. Колку што е поголем влогот што се става во земјата, толку се поголеми и интересите на финансиерот. Сумата од 5.332.758 евра за опозициските медиуми и за т.н. невладини организации е само дел од финансиите истурени на територијата на Македонија во последните 25 години. Место овие пари да одат во процеси што ќе значат вистинско унапредување на квалитетот на македонскиот политички, правен и економски систем, подобрување на економскиот стандард на граѓаните, подобрување на општата благосостојба во земјата, овие пари се претежно наменети за поткупување наши сограѓани, кои, за жал, замаени од мирисот на парите се вртат и против државата, и против сопствениот народ.
Нашите здруженија на граѓани што во децениски континуитет се финансирани од овие антидржавни пари веќе сериозно имаат изградено инфраструктура од претежно млади лица вклучени во разни проекти преку кои тие и фактички спроведуваат прецизни западни инструкции како да се смени власта што не му одговара на финансиерот. Тоа е вистински „граѓански тренинг“ што многу долго време власта во Македонија го гледаше и толерираше под превезот на функционалната демократија во земјата, а, всушност, контра интересите на Македонците. Точно е дека секоја демократска држава треба да го поттикнува граѓанскиот сектор во насока на создавање слободни услови за граѓански иницијативи, кои треба да работат во насока на реализација на граѓанските интереси. Но, кога јасно се гледа дека граѓанските организации работат и дејствуваат против државата, против уставниот поредок на системот, и против стабилноста на државата, крајно време е да расчистиме со овие структури. На тоа нѐ обврзува и Уставот на Република Македонија каде што во член 20 јасно стои дека програмите и дејствувањето на здруженијата на граѓаните и на политичките партии не можат да бидат насочени кон насилно уривање на уставниот поредок на републиката, и кон поттикнување или повикување на воена агресија или разгорување на национална, расна, или верска омраза или нетрпеливост. Со оглед дека целото „семејство“ организации се директно поврзани со матицата на фондацијата на Сорос во Република Македонија, кои во своето дејствување демонстрираа вистинско насилство во уривањето на уставниот поредок на земјата, на потег се институциите на системот во земјата да се спротивстават на овие негативни процеси што ја влечат земјата кон бездна.
Текстот е објавен во 193 број на неделникот Република, кој е во продажба од 13 април 2016 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.