Литванската актерка Јоланта Поденојте е победник на Интернационалниот фестивал за монодрама што синоќа заврши во Битола.
Според одлуката на меѓународното стручно жири, актерката Поденојте од театарот во Клајпеда која ја изведе монодрамата „Те чекам злато“ остави најсилен впечаток во конкуренција на монодрамски остварувања на актери од САД, Израел, Ерменија, Бугарија, Хрватска, Албанија, Србија и Македонија.
Согласно востановената традиција, на фестивалот во Битола со гласање беше доделена и награда од публиката која за најдобра ја прогласи монооперата
„Дневникот на лудиот“ што ја изведе хрватскиот актер Озрен Грабариќ, а ја режираше битолчанецот Марјан Неќак.
За овој заеднички проект на ММТБитола и НУ Центар за култура Битола, публиката даде најмногу гласови, беше истакнато на синоќешното затворање на 18. Интернационален фестивал за монодрама „Битола 2016“.
Во чест на наградените, фестивалската завеса ја спуштија актерите од Театар Комедија -Скопје кои ја изведоа претставата „Случајот Хармс“ од Данил Хармс, а во режија на Дино Мустафиќ.
Фестивалот во Битола го организираше националната установа Центар за култура, а како и секоја година така и оваа покровител беше Министерството за култура.
фото: Димитар Петковски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.