| четврток, 6 декември 2018 |

ОМД: Да запрат манипулациите кон дијаспората

Организацијата на македонските иселеници со седиште во Вашингтон – ОМД, преку писмо упатено до сите политички партии во Македонија, бара да се стави крај на манипулитивна политика кон дијаспората со став дека дијаспората има само една партија, а името и е Македонија.

omd

Од ОМД посочуваат дека со загриженост ги следат настаните во татковината и ја оценуваат како целосно несфатлива и загрижувачка атмосферата која владее кај македонските партии кои, велат, со ставање на партискиот и личен интерес над националниот, неоспорливло го уништуваат интегритетот и унитарноста на македонскиот народ.

– ОМД верува дека размерите на политичките игри, непочитувањето на Пржинскиот договор од страна на сите партии потписнички, како и апсурдниот обид за одземање на правото на глас на граѓаните на Македонија надвор од неа, доведуваат до сериозно заладување на односите помеѓу земјата и нејзините иселеници во странство. Таквиот однос и креирана ситуација, неминовно резултираат со анемичност кај иселеникот како би се пријавил и искористил своето право на глас, стои во писмото.

Според ОМД, апсурдноста во односот на партиите кон дијаспората кулминира со регулирањето на единствениот избирачки список и самиот избирачки процес и јавно го прашуваат ДИК по кој закон го признава електронското поднесување документи за регистрација и поради која причина истото не може да биде спроведено на изборниот ден.

– Како бастион на унитарноста и глас на македонските малцинства во соседите, македонската дијаспора не смее да биде изоставена во Сообранието и државното уредување, посочуваат од ОМД.

Според нив, краткиот рок за регистрација, работни часови на дипломатските и конзуларни претставништва кои во целост не соодејствуваат со достапноста на иселениците, како и отежнатата изборна процедура која исклучиво предвидува физички наместо електронски начин на гласање, помеѓу дијаспората се доживува како манипулативна политика на македонските партии за нејзино дистанцирање.

– Потегот на усложнување наместо олеснување на гласачкиот процес за дијаспората претставува обид за одземање на нејзиното право на глас со што се отвара јаз помеѓу македонците кои живеат во и надвор од земјата. Но и покрај нееднаквиот третман како гласачко тело, дијаспората нема да се поколеба во намерата да ја поддржи својата татковина, туку напротив, ќе дејствува во зачувување на македонското ткиво во овие исклучително тешки времиња за нашата нација, се наведува во писмото.

Дополнително, нагласуваат, неизвесното оддржување на изборите закажани на 5. јуни ги обврзува граѓаните на Македонија надвор од неа на повторна регистрација во случај на нивно одложување, што, сметаат го намалува интересот на дијаспората за искористување на првото на глас, како што е и евидентно со само 3.500 регистрирани гласачи според информациите на ДИК.

– Во прилог на партиските малверзации, евидентираните 3.500 гласачи во дијаспората се прикажани како потврда на слабиот интерес меѓу иселениците за делување и придонес во државата од која што доаѓаат. Но, од перспектива на дијаспората, понижувачкиот број од 3.500 регистрирани македонски иселеници објавен во медиумите е обид за етикетирање на дијаспората како незаинтересирана за состојбата во татковината. Со таквото верување, ОМД прашува дали стотиците илјади Македонци ширум светот со легитимно право на глас се само бројка за политичка и предизборна употреба, дали постои обид за дискриминација и дистанцирање на македонските иселеници преку усложнувањето на нивното гласање, кому смета македонската дијаспора, кој има корист од заговорната политика кон македонската дијаспора, прашува ОМД и повикуваат на попис во Македонија со цел да се дознае квантитативното членство на дијаспората.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top