Македонската музика не се слуша малку, туку малку се прави, а младите сакаат да слушаат, посебно тинејџерите, смета Владимир Блажев, најпознат како диџеј Шорти Пи ака Панчо. Според Блажев, едната половина од дуото „ДНК“, голем број од неговите колеги доцна сфаќаат дека од небо ништо нема да им падне. Вели дека му е жал што сите се повлечени и што постојано кукаат дека нема, тврди дека ако седат дома, ако не работат и ако не вложуваат во самите себе, ако не остварат контакт со спонзори и ако не побараат – никој нема да им се понуди сам.
Од друга страна, пак, „ДНК“,годинава го прославува 15. роденден. Панчо и Андреј наскоро ќе го промовираат нивниот четврти албум, на чие усовршување се работи во студио во Лондон. По лето исполнето со настапи, групата ќе подготви и голем есенски концерт во „Метрополис“.
Наскоро нов албум на „ДНК“, со дванаесет песни, од кои седум се сосема нови. Кажете ми нешто повеќе за новиот проект.
Блажев: Па, здравје боже, промоцијата е закажана за 9 мај. Се надеваме дека ќе го исполниме закажаниот ден, само да не се случи нешто што е виша сила, нели. Ќе има дванаесет нумери од кои седум се комплетно нови, а останатите се веќе чуени. Меѓу нив ќе биде и „Само таа знае како“, која ги освои сите македонски топ листи за неполни три-четири недели, а верувам луѓето веќе ја пеат. Сите песни се снимени во „ЛЦВ“ („LCV“), студиото на Лазар Цветкоски во Тетово, кој воедно е и трет член на „ДНК“. Аранжманите се речиси сите негови, текстовите се сите мои, а мелодиската линија е моја и негова. Ова е еден посебен албум за мене бидејќи има многу емоции и реални текстови во сите нумери. Ќе се вика „Уште еден ден“, по песната што ја напишав за мојата мајка, која за жал, почина неодамна.
Напоменавте дека звукот на новиот албум се усовршуваше и се работеше во студио во Лондон, што гарантира негов квалитет, но и висока цена. Зошто се решивте на тој чекор?
Блажев: Искрено, сакавме да поставиме нови стандарди на македонскиот звук и затоа во договор со Лазе, се одлучивме да го испратиме во Лондон во „Метрополис студио“, кај одличниот Стрики (Streaky), кој работел со имиња од светската сцена како што се Скепта, Пол Велер, Пи Диди, Ашер, Вајли, „Депеш мод“, Тајо Круз, Лили Ален, Чипманк, Вил Јанг, „Хртс“, Роби Вилијамс и многу други. Едноставно, сакавме да го доловиме тој светски звук и да им објасниме на луѓето во Македонија дека мора да сфатат дека не може еден човек да прави сè и дека мора да се вложува во својата работа, со тоа и подолготрајноста ти е загарантирана, а не со првите пари од настап или од спонзор да се сликаш дека си во Солун и дека си купил нов „ајфон“.
Познати сте по добрите свирки и концерти, било тоа настап пред помала публика или голем концерт, како оној во „Метрополис“. Колку е битен овој контакт со публиката за вас?
Блажев: Публиката е сè. Публиката знае да те награди многу убаво ако си искрен, како што ние секогаш постапуваме, но и знае страшно да те казни ако си фолирант. Интеракцијата со публиката е огромен фактор за текот на едно шоу, било да е пред 10.000 или пред 10 луѓе.
Планирате еден или повеќе концерти и по промоцијата на новиот албум?
Блажев: Летната турнеја полека се закажува низ поголемите градови и клубови, верувам дека ќе имаме напорно работно лето исполнето со одлични свирки, а оној завршниот го планираме за средината на ноември во „Метрополис арена“, па боже мој, само здравје и ќе се видиме на саем.
„ДНК“ постојано работи и настапува, иако состојбата на македонската музичка сцена е полетаргична од кога било, вие си го терате своето. Но, на прсти се бројат „ветераните“ како вас, што уште се трудат да направат нешто. Ве нервира оваа поспаност кај колегите?
Блажев: Ни најмалку. Секој одговара за своите постапки и секој си ги сноси последиците од истите. Мене ми е жал што сите се повлечени и постојано кукаат дека нема, но јас велам дека ако седат дома, ако не работат и ако не вложуваат во самите себе, ако не остварат контакт со спонзори и ако не побараат, од небо нема да им падне. Никој нема да им се понуди сам. Во случајот со „ДНК“, јас не се срамам да кажам дека јас сум тој што бара спонзори, што договара настапи и што ги пишува песните. Кај е срамот тука? Можеби сум енергетски истрошен повеќе, но кога ќе легнам навечер сум мирен како бебе бидејќи сме направиле сѐ сами, чесно и со упорна и со напорна работа. Јас секогаш велам и тврдам дека работата еден ден ќе се исплати, а исто и трудот и вложувањето. Времето е најголем показател и бара истрајност за да се дојде до успех и до статус. Секогаш велам дека тој што се труди секогаш добива, а тој што се жали секогаш губи. Многу е едноставно, ама нашите „ѕвезди“ сакаат сѐ на тацна и дури сфатат, времето им прошло.
Младите таленти, пак, ги одбраа српските музички шоуа наместо фестивалите, како што беше тоа порано, за да се претстават пред публиката. Каков е вашиот став кон ова? Да бевте и вие сега на почеток на кариера, би се одлучиле на ваков чекор, талент шоу?
Блажев: Јас не знам дали воопшто има веќе фестивали кај нас кои се почитувани како што порано беше еден „Макфест“, „Скопски“, кои се чекаат и за кои се зборуваше еден месец пред и еден месец по нив. Откако почнаа местењата јавни со група луѓе што, за жал, сè уште функционираат во Македонија и не им е изречена никаква казна, „ветераните“ немаат мотив, а камоли некои млади ентузијасти. Патем и после тоа никој не зборува, а и гледаноста е смешна, луѓето повеќе ги исмејуваат по „Фејсбук“ и по „Твитер“, отколку што им се восхитуваат. Нема вложување, нема добри продукции, сите сакаат за малку пари да добијат многу, сакаат да скратат од буџетот одобрен за големо шоу и тоа доведува до сето ова, нашите какви-такви млади таленти да си одат во соседните земји на „Гранд“ или на „Пинк“, каде што знаат дека нашиот народ сто отсто ќе ги гледа, бидејќи турбофолк манијата владее во нашата ДНК кај 90 отсто од луѓето. Но, и со право, тие барем имаат продукција и сѐ е наместено како што треба, кај нас нема НИШТО, ниту едно ток-шоу каде можеш да се дотераш и да испееш со бенд во живо и да направиш саглам муабет.
Дали вие се откажавте од фестивалите?
Блажев: Не сме се откажале, ама не гледам ни причина да одиме. Која е поентата??
Сметате ли дека денеска многу малку се слуша македонска музика? Кај кого лежи вината?
Блажев: Не би рекол дека многу малку се слуша, малку се прави, а младите сакаат да слушаат, посебно тинејџерите. Јас гледам по нашите настапи дека ги пеат песните. Радијата полека сфатија дека мора малку повеќе да пуштаат македонска музика и среќа имаме „Фејсбук“, имаме „Јутјуб“, така што во ред е. А, делумно вината е на артистите, како што веќе кажав, сакаат да им падне од небо. Не сакаат да бидат трпеливи, се расправаат со продуцентите и лесно им пука филм од сѐ и се разочаруваат. И за крај, една стара народна: Без работа нема леб.
Пишува: Марина Костовска
(Текст објавен во 187. број на неделникот „Република“, 01.04.2016)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Виолета Џолева, режисерка: Со првиот мјузикл за деца сакам да им се заблагодарам на маестро Џамбазов и на Оливера Николова
-
Бислимовски: РКЕ нуди четири цени на нафтените деровати, но трговците секогаш ја избираат највисоката
-
Тарик Филиповиќ: Жив актер на сцената сѐ уште е мамка за луѓето да доаѓаат во театар
-
Аница Добра, актерка: Навистина ја имам најдобрата професија на светот!