Најдобрата македонска тенисерка Лина Ѓорческа го запиша и својот најдобар пласман во кариерата на најновата ранг-листа на ВТА, објавена денес, сместувајќи се на 266. место на листата за игра во поединечна конкуренција.
Младата 21-годишната Ѓорческа, по освојувањето на турнирот во Маниса, заработи нови 12 ВТА-поени, по што напредуваше за четири позиции во однос на претходното рангирање. Македонската тенисерка е на 257. место за игра во двојки, на само две места од најдоброто рангирање на оваа листа, 255. место од јули 2015 година.
Имаше многу промени и во Топ 10 на листата, па така Анџелика Кербер и Агњешка Радванска, по којзнае кој пат во последните неколку месеци си ги заменија местата. Германката е втора, а Радванска сега трета тенисерка во светот. На врвот си остана Американката Серена Вилијамс. Освојувачката на Мадрид, Романката Симона Халеп оствари скок од две позиции, па сега е на петто место.
По долго време, Топ 10 друштвото го напушти Марија Шарапова, која и натаму е под суспензија. Русинката моментално е на 12. место.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.