| четврток, 6 декември 2018 |

Кливленд ја „исчисти“ Атланта, Оклахома не се предава (видео)

oklahoma

Екипата на Кливленд Кавалирс е прв финалист во Источната конференција откако со максимални 4-0 ја елиминираше Атланта во полуфиналната серија.

Синоќешниот беше најдраматичен, но актуелниот вицешампион во НБА лигата на крајот го доби со 100-99. Победникот се решаваше во последната минута во која гостите влегоа со еден поен предност (98-97). Се разбира, топката отиде кај Леброн Џејмс, а тој погоди од дистанца за три разлика за Кливленд. Во следниот напад Шродер набрзина реализираше и ја врати негативата од еден поен, а до крајот останаа 39 секунди. Повторно се обиде Леброн, сега за тројка, но не беше успешен. Сепак, најдобриот играч на Кавс се покажа во дефанзивата, го спречи Шродер и му ја донесе на својот тим четвртата победа во серијата.

Иако не беше најефикасен, Џејмс беше најдобриот играч на Кливленд со 21 поен, десет скока и девет асистенции. Приматот отиде кај Лав кој реализира 27 поени со 13 скока. На спротивната страна, Милсап имаше 19 поени, а Сефолоша 13. Кливленд дојде до финалето на Источната конференција со биланс од 8-0 бидејќи и Детроит во првата рунда го “исчисти” во четири натпревари. До финалето на Истокот ќе има најмалку една недела одмор бидејќи во серијата меѓу Мајами и Торонто резултатот е 2-1.

Екипата на Оклахома славеше победа пред своите гледачи над Сан Антонио од 111-97 и ја израмни полуфиналната серија на 2-2. Со тоа најави исклучително интересна борба за пласман во финалето на западот.

Оклахома на полувремето имаше негатива од осум поени (45-53), но со одлична игра во второто полувреме на крајот стигна до убедлива победа.

Кевин Дурант одигра извонреден натпревар, па за 43 минути запиша 41 поен. Дион Вотерс дополни со 17 поени, а Стивен Адамс покрај 16 поени имаше и 11 скока. Расел Вестбрук мечот го заврши со „дабл-дабл“ ефект од 14 поени и 15 асистенции.

Кај гостите најефикасен беше францускиот интернационалец Тони Паркер со 22 постигнати поени.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top