
ЖРК Вардар и Будуќност ќе играат меѓусебе и на годинашниот фајнал фор турнир од Лигата на шампионите, но не за титулата туку во натпреварот за утешното 3.место што ќе се одигра денеска (15.15 ч.) во „Ласло Пап Арена“ во Будумпешта. За разлика од претходните две изданија на Ф4, годинава македонскиот и црногорскиот шампион се избегнаа во полуфиналето, а налетаа меѓусебе во „натпреварот на разочараните“.
И двете екипи треба брзо да ги консолидираат своите редови по вчерашни разочарувачки порази во полуфиналните дуели. Кој ќе биде поуспешен во тоа, тој ќе го заземе последното место на подиумот во Будимпешта.
Во двата досегашни настапи на Ф4, вардарки на два пати беа „бронзени“. Третата среќа требаше да ги однесе малку повисоко на подиумот, но после вчерашното очајно издание против ЧСМ Букурешт, за ЖРК Вардар сега станува тежок патот и за да се повтори ланскиот пласман.
– Денеска е нов ден. Мора да најдеме сили и да одиграме. Мора да го сториме тоа заради нас и заради публиката. Многу луѓе дојдоа од Македонија да не бодрат, ние мора да излеземе и да покажеме дека сме добар тим и дека може да одиграме многу, многу подобро од ова – порача пикерот на ЖРК Вардар, Ања Алтхаус по вчерашниот пораз во полуфиналето од ЧСМ Букурешт.
Во претходните два настапи на Ф4 во Будимпешта, вардарки на два пати губеа од Будуќност во полуфиналето. На деби настапот на ЖРК Вардар на Ф4 во 2014 , Црногорките славеа со 22-20. Лани поразот беше многу покатастрофален. Будуќност на патот до шампионската титула тогаш го отпиша ЖРК Вардар со 27-17.
Сезонава македонскиот и црногорскиот шампион два пати играа меѓусебе во главната фаза од ЛШ. На првиот меч во Подгорица, во јануари, вардарки загубија со 31-19 во едно од најлошите изданија годинава. Поправен имаа на реваншот во Скопје кој го добија со 26-24.
– Се надевам дека ќе одиграме добар меч и дека сепак, позитивно ќе ја завршиме сезоната – рече тренерот на Будуќност, Драган Аџиќ за денешниот натпревар за 3.место на Ф4 турнирот во Будимпешта.
Во финалето што е со почеток во 17.45 часот, Ѓер и ЧСМ Букурешт ќе играат за титулата во Лигата на шампионите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


