| четврток, 6 декември 2018 |

Скопскиот маратон во најдобро издание досега!

Денеска во просториите на Град Скопје, се одржа прес-конференција по повод претстојниот „Визер Скопски маратон“, кој ќе се одржи на 8 мај (недела) и ќе се одвива низ улиците на главниот град, каде што повеќе од 7.000 учесници ќе се натпреваруваат и ќе ја испробаат својата издржливост и истрајност.

skopski maraton 2

На настанот свои обраќања имаа градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, директорот на „Визер Скопскиот маратон“, Кире Синадиновски, како и амбасадор на „Визер“. Тие заеднички ја подржаа оваа важна спортска манифестација, која го подобрува својот квалитет и услови за маратонско трчање секоја година.

– Градот Скопје, организаторите и големиот број волонтери реализираат веќе интернационално афирмиран спортски настан на кој секоја година се пријавуваат сè повеќе професионалци, рекреативци, граѓани, ученици од основните и од средните училишта, пријатели на спортот и на позитивната енергија. Можам слободно да кажам дека за Градот Скопје и за Република Македонија, маратонот има и културна, економска и туристичка димензија, толку потребна за афирмирање на имиџот на нашиот главен град и на нашата држава.И годинава, за оваа манифестација Градот Скопје од својот буџет издвои 1.200.000 денари, а ги стави на располагање и сите јавни градски претпријатија, кои беспрекорно си ја вршат својата работа и за тоа им упатувам јавна благодарност. Ги повикувам граѓаните на Скопје, в недела, на 8 мај, да излезат во што поголем број, да им пожелат добредојде и да им дадат силна поддршка на овие храбри спортисти и рекреативци, а сите заедно да се дружиме и да го прославиме и Денот на Европа на најубавиот можен начин – изјави Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски.

Нагласена беше и информацијата пријавените учесници да ги подигнат своите стартни броеви денес и утре (6 и 7 мај) од 10:00 до 19:00 часот во холот на Конгресниот центар „Александар Македонски“ во Скопје, (поранешна Универзална сала).

skopski maraton 1

– Досега се имаат пријавено над 7.000 учесници, бројка во која се вбројуваат учесници не само од Македонија, туку од вкупно 45 земји од целиот свет. Од организаторска гледна точка, навистина е убаво чувството да се знае дека постои голем интерес за оваа спортска манифестација, како од наши граѓани, така и од странство, најмногу поради фактот што со секое ново издание на маратонот, се подобрува и квалитетот на истиот, со поквалитетни понудени услови за учество. Поради тоа Виз Ер Скопскиот Маратон се вбројува во еден од најдобрите маратони кој може да се спореди со познатите маратони од други светски метерополи. Овој интерес е сè поголем со секоја измината година. Виз Ер Скопскиот Маратон е спој на годишна традиција која внесува млад дух и елан во главниот град на Македонија секоја пролет и ги потсетува сите граѓани за важноста да се биде спортски и физички активен. Овој спортски хепенинг ги потсетува сите и за важноста да се учествува во настан од ваков вид дури и за самиот себе, сè со цел да се подобри карактерот, но и психичката издржливост и упорност да се исполни одредена зацртана цел. Ова е нешто кое е од големо значење токму за најмладите, кои се иднината на нашата земја, и кои се во фаза на креирање и оформување на својата личност во своите најубави години. Јас само би сакал да ги поканам сите заинтересирани да го проследат овој настан и да бидат сведоци на трките кои ќе се одржат во недела, вклучувајќи го маратонот, полумаратонот, штафетната трка и трката на 5км, а најдобрите ќе ги очекуваме на финиш линијата – изјави директорот на „Визер Скопскиот маратон,“ Кире Синадиновски.

skopski maraton

Годинешното издание на „Визер Скопскиот маратон“ ќе се претстави со нешто несекојдневно овој пат. Оваа година „Визер Скопскиот маратон“ е дел од онлајн-платформата Codoon, која е наменета само за кинески корисници. На оваа платформа доброволно се пријавуваат лица што ќе трчаат на различни локации во Кина, во исто време кога ќе се одржува и маратонот во Скопје на 8 мај. Досега се имаат пријавено над 80.000 тркачи во Кина!

Дванаесеттото издание на маратонот е под покровителство на Град Скопје и Мисијата на Европската унија. Маратонот ќе се одржи на 8 мај по повод Денот на Европа, со почеток во 08:45 часот на стартната линија во центар, во срцето на главниот град.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top