Додека СДСМ преку учество во власта го разорува безбедносниот систем однатре, на површина испливаа и договорите на Зоран Заев со радикалните структури во албанскиот блок за меѓусебна поддршка. Додека на една страна се продаваат термините „слобода и демократија“ од другата се игра на „редефинирање и федерализација“. Оваа широка лепеза е врзното ткиво на таканаречената шарена револуција зад која се кријат сечиите интереси, освен интересите на македонскиот народ, кој бара крај на кризата и нормално функционирање на државата.
Под чадорот на Заев и на Верушевски веќе втора година секој ја гледа својата можност за наметнување политички барања. Во оваа „хибродна војна“, Беса и албанската дијаспора од Македонија во најмала рака гледаат можност за повторување на сценариото од 2001 година.
Сето тоа не може да се изостави од пошироката слика, што се случува на границите, кој и што си „игра“ во Косово, зошто и натаму „Идомени“ постои како „нелегален камп“ во Грција.
Наспроти Велигден, лидерот на ГРОМ Стевчо Јакимовски, го повика Оливер Спасовски – техничкиот министер – да признае за групата од 40 терористи што навлегла од Косово.
– Обидите за демократско уривање на демократски избраната власт преку протести и исценирани борци за демократија не успеаја. Втората варијанта е обид за дестабилизација преку вметнување терористи од Косово, кои потоа ќе сменат облик во борци за човекови права. Во план е во дестабилизацијата на Македонија да се вклучат и бегалците од Грција, кои чекаат на границата со Македонија – објаснува Јакимовски, кој додава дека УБК одлично ја сработува задачата, но изостанува решителен одговор за неутрализација на групите што навлегуваат.
Четириесетте лица што ги наведува Јакимовски навлегоа од територијата на Косово во Македонија пред неполн месец. За потсетување, тоа се случувало во моменти на големата акција што потоа Спасовски ја опиша дека била преземена за – група емигранти. Но овие „емигранти“ иако немале униформи, сепак имале оружје и пукале врз специјалните сили, по што непречено се вратиле на Косово.
– Тогаш настанува парализирање на МВР од страна на министерот од СДСМ, Оливер Спасовски – додава Јакимовски, кој прави споредба со решителниот одговор во кумановско Диво Насеље пред една година.
Многу интересно е што во граничната зона на југ сè уште постои огромен „див“ камп на емигранти, каде што дејствуваат странци што ги организираат нелегалните упади на македонска територија. Се делат летоци, се обучуваат емигрантите како да дејствуваат на неколку места одеднаш со одвлекување на вниманието, дури и беше извршен упад на стотина емигранти, што заврши трагично во Сува Река. Дел од тие странски „граѓански активисти“, потоа беа уловени во насилствата организирани од Сорос и од КАНВАС против македонската полиција. Целта е јасна- предизвикување судир со полицијата.
Токму тоа е таа резервна варијанта за која говори Јакимовски, за вклучувањето на емигрантите во дестабилизацијата на државата.
Во меѓувреме, секојдневно безбедносниот систем и полицијата во Македонија се изложени на притисоци на работното место – прво преку партизација, која СДСМ и Оливер Спасовски ја спроведуваат во МВР, а потоа со изложување на непотребно трошење, малтретирање и на понижување при задачите за обезбедување поголеми насилства за време на хулиганските протести што ги спроведуваат, повторно, СДСМ и генералниот партиски секретар Оливер Спасовски, со помош на „увезените“ хулигани од Србија и од Грција, обучените групи на КАНВАС од Македонија преку мрежата на Сорос, но и странците што се борат да биде пуштен емигрантскиот бран без пречки.
Македонската политичка криза ги отвори можностите тука да се испорачуваат политички барања на различни групи, од странски анархисти, албански екстремисти, криминални групи од Косово, српски „професионални“ демонстранти, па и радикалните „спијачи“ од ИСИС.
9 мај
Поранешни борци на УЧК и „одметнатите“ од ДПА најавија протест за 9 мај. Затскриени зад „протест за состојбата во Македонија и аболицијата од Иванов“, всушност се крие протестен марш на денот на акцијата во Диво Насеље.
За потсетување, македонските специјалци оставија осуммина од своите колеги во таа битка за неутрализирање и за елиминирање на терористичката група, која, според тие од нив што се предадоа, целеле кон државни и цивилни цели кон средината на месецот.
Овој марш на годишнината сега се организира во моменти кога се знае дека вооружени групи постојано планираат ослободување на заробените искористувајќи ги кризата и девастирањето на институциите. Дел од нив се од Косово, кои планираат напади врз конвојот додека се оди кон судниците, но не изостануваат и други акции, како собирање парични донации, кои достигаат и до еден милион евра, за подмитување во судската или полициската власт, или за каква било друга намена со која би можело да се издејствува нивно ослободување.
Кога веќе се споменува тој 9 мај, мора да се посочи и насилството на кое полицијата беше изложена во предвечерјето на акцијата. Истата групација на СДСМ, засилена со тие што сега ќе маршираат на 9 мај, потоа се собра во организација на Сорос на заеднички митинг на кој беа истакнати и симболите на УЧК, на Голема Албанија, секако симболите на САД, а на кој говореше дури и поранешниот бугарски премиер Сергеј Станишев, кој е познат по тоа што не ги признава македонскиот нација и култура.
Уште повеќе, по тој крвав 9 мај, Заев и сега министерот Спасовски, следниот ден заминаа на фотографирање во Диво Насеље. Повредените полицајци и семејствата на загинатите полицајци сè уште не се удостоени од нив. За возврат, и двајцата ги менуваа изјавите неколку пати, од тоа дека акцијата е „диригирана од власта“, до „соочување со позната и опасна терористичка група“.
Ако состојбата во Македонија е со лабава коалициска власт, политичка криза предизвикана од прислушувањето и политички барања на радикални албански групи, не е поинаку ни во регионот.
На критичната маса на партнерите на Заев во секој момент може да им се приклучат и косовските групи, кои веќе пуштаат видеопораки за подготвеност за борба. Косовскиот обид да се расчисти со злосторствата и со криминалот загрозува околу 500 лица, меѓу кои и високи функционери во УЧК. За да избегнат апсење, тие во секој момент се подготвени да предизвикаат нова криза, или да одиграат во нечие сценарио што би им обезбедило излез. Токму во таа насока се и информациите, но и дезинформациите за различни евентуални навлезени вооружени групи во земјава. Во заднина, како посебен фактор на ризик се „спијачите“, односно радикалните исламски борци од судирите на Блискиот Исток, кои се вратени во Македонија и во регионот.
Во меѓувреме, „шарениот“ состав на борците на КАНВАС и на Сорос планираат „заземање“ институции со блокирање на нивната работа, да не дозволуваат влез или излез на администрацијата. Односно, повторно трошење и дефокусирање на полицијата во режија на техничкиот министер за полицијата!?
За минатиот број на „Република“ заменик-министерот Митко Чавков и првиот човек на УБК Љубчо Андоновски уверуваа дека државата нема да дозволи „украинско сценарио“, односно сценарио на крваво обоена револуција, колку „чадорот“ и да ја претставува како „шарена“. Многу важен момент во таа насока игра и желбата и свеста на огромното мнозинство од граѓаните што не го прифаќаат насилството како опција за решавање на кризата.
Доколку, пак, политичката криза се насочи кон барање решение и се фокусира кон избори, тогаш ќе се стеснат рамките за дејствување на разните групи, а и безбедносните сили ќе може да се фокусираат на својата основна задача.
И токму поради тоа што го чувствуваат тој момент, граѓаните на Македонија ја даваат и големата поддршката за ГДОМ, кое се јави како контратежа на „шарената револуција“. Граѓанското движење ја добива поддршката со повиците и кон политичките фактори во земјата, но и кон надвор, дека единствени прифатливи решенија на политичката криза се демократските решенија, пред сè, избори. И тоа што поскоро.
Пишува: Наум Стоилковски
(Текст објавен во 192. број на неделникот „Република“, 6.05.2016)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.