Ливерпул ја прекина шпанската доминација над англиските клубови, откако вечерва го совлада Виљареал со убедливи 3-0 во реванш полуфиналниот дуел во Лига на Европа (ЛЕ) и со конечни 3-1 се пласираше во финалето.
Англискиот тим сосема заслужено победи вечерва на „Енфилд“. Тие наметнаа агресивна игра уште од почетокот, со пресинг на противничката половина често ја тераа одбраната на Виљареал да греши и така стигнаа до неколку добри акции преку кои успеваа да реализираат.
„Црвните“ поведоа уште во 7. минута со автоголот на Бруно Соријано. Бразилецот Фирмино шутираше од левата страна, но Соријано во обид да ја спречи таа топка несреќно биеше во својот гол, за водство на Ливерпул од 1-0.
Во второто полувреме Ливерпул прикажа уште подобра игра. Стариџ беше одлично расположен за игра, задаваше големи проблеми на гостинската одбрана. Токму тој беше стрелецот на вториот гол за домашната екипа, кога во 63. минута, по одличното додавање од Фирмино, биеше во десната страна од голот, а топката се одби од стативата и заврши во мрежата.
Осум минути подоцна нови проблеми за Вилјареал, останаа со играч помалку, откако Руиз зароботи втор жолт картон. Но, се уште неизвесноста беше голема, бидејќи само со еден гол Вилјареал ќе се пласираше во финалето.
Крај на сите дилеми стави Лалана во 81. минута. Извонредниот Фирмино ја нафрли топката во петерецот, каде Стариџ одлично одигра за Лалана, кој без проблем ја смести топката во мрежата за конечни 3-0.
Ливерпул во финалето во Базел на 18 мај ќе игра против Севилја, која до сега никогаш не изгубила во финале на Лига на Европа, а играла 4 пати во последните 10 години.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.