ЖРК Вардар има искусен тим, но само една ракометарка во составот на „црвено-црните“ има две шампионски титули од Лигата на шампионите. Германката Ања Алтхаус два пати во својата кариера го подигна победничкиот пехар во ЛШ, во 2009 и во 2010 година, со екипата на Виборг. Од 2014 година таа се пресели во Скопје и вели дека третата шампионска титула во најсилното европско натпреварување, ќе ја прослави со ЖРК Вардар.
– Уште кога го потпишав договорот, мојата главна цел беше да ја освојам Лигата на шампионите со Вардар. Затоа сум овде – вели пикерот на ЖРК Вардар во интервјуто за официјалната страница на ЕХФ.
Алтхаус лани прв пат настапи на Ф4 турнирот во Будмпешта на кој вардарки по втор пат по ред беа сопрени во полуфиналето од Будуќност. Оваа година имаа среќа во полуфиналето да го избегнат актуелниот европски шампион и за противник да го добијат дебитантот во „големата четворка“ во ЛШ, ЧСМ Букурешт.
– Кога ќе стигнете дотука и кога сакате да ја освите титулата, не е важно против кој тим ќе играте во полуфинале. Сигурна сум дека Ф4 турнирот годинава ќе биде најизедначен и најдобар досега. Според мое мислење, меѓу овие четири екипи нема фаворит и аутсајдер. Полуфиналето е еден меч и тука нема можност да се поправат грешките во реваншот. Тимот што ќе биде повеќе фокусиран во тие 60 минути, ќе игра финале. Јас се надевам дека овој пат тоа ќе бидеме ние. Очекувањата во Скопје и во цела Македонија се огромни – истакнува Ања Алтхаус.
Нејзиниот договор со ЖРК Вардар истекува во 2017 година, но 33-годишната германска ракометарка се надева дека сонот ќе и се оствари уште оваа година.
– Не си одам од Скопје додека не ја освоиме Лигата на шампионите – порача Алтхаус во пресрет на третиот фајналфор за македонскиот шампион.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.