На Институтот за патофизиологија и за нуклеарна медицина е набавена нова камера за побрзо и за попрецизно дијагностицирање на малигните, на срцевите и на невролошките заболувања. Оваа услуга ќе можат да ја користат двојно повеќе пациенти. Ова е прв ваков апарат во јавното и во приватното здравство и претставува нов исчекор во дијагностиката, вели доцент д-р Венјамин Мајсторов, раководител на Институтот за патофизиологија и за нуклеарна медицина.
Неодамна Институтот за патофизиологија и за нуклеарна медицина доби нова камера за попрецизно и за побрзо дијагностицирање на малигни, на срцеви и невролошки заболувања. Како оваа камера помага во дијагностицирањето на овие болести?
МАЈСТОРОВ: Неодамна, со помош на Министерството за здравство и на Медицинскиот факултет добивме нов апарат за компјутеризирана томографија со СПЕКТ/ЦТ гама-камера, најнова камера која овозможува истовремено и функционална и морфолошка дијагностика. Такво нешто досега не сме имале во нашата апаратура на Институтот и тоа е еден чекор напред во дијагностиката на заболувањата. Најчесто тоа се малигни, меѓутоа тука има и кардиолошки заболувања. Предноста на овој апарат е во тоа што досега она што го работевме во таа така наречена класична нуклеарна медицина се базираше на детекција на акумулација на трасерот или на радиоизотопот кој отсликува некој нарушен функционален процес во телото. Проблемот беше во тоа што не можеме секогаш со сигурност точно анатомски да локализираме каде се случува промената. Сега, со оваа техника, тој проблем се надминува бидејќи во исто време имаме можност да видиме не само каде се промените во функцијата, туку и точно во кој дел на телото се случуваат. Таа комбинација на функционална и на морфолошка дијагностика ни дава големи предности во интерпретацијата на наодот, односно поголема дијагностичка сигурност која според некои податоци од светската литература се смета дека е и до 30 отсто попрецизна. Тоа, пак, од друга страна е важно за пациентите и за лекарите што ги упатуваат затоа што тоа дава можност за прецизна дијагноза, а од тоа понатаму зависи и водењето на тие пациенти, тераписките протоколи и така натаму.
Кои ендокринолошки заболувања ги дијагностицира оваа камера?
МАЈСТОРОВ: На нашиот Институт традиционално, со години наназад, имаме единица која се занимава со сите заболувања на тироидната жлезда. Практично, започнувањето на примената на изотопите во нуклеарната медицината, воопшто, е врзано со тироидната жлезда. Една значајна група пациенти на кои оваа камера ќе им помогне во дијагностицирање се пациентите со карцином на тироидната жлезда. Во светот, а и кај нас, има тенденција на пораст на овој карцином. Бројот на заболени со ова малигно заболување е речиси двојно зголемен. Иако тие во најголем број се со добар развој, сепак, има и одредена група кај кои прогнозата е лоша. Овој апарат е и за пациенти со други малигни заболувања кои можат да бидат лоцирани во разни делови на телото и релативно тешко се дијагностицираат. Тоа се невроендокрини тумори. Обично поминува подолг временски период додека се постави точната дијагноза. Така и кај оваа група невроендокрини тумори ќе има значителен придонес во смисла на подобрување на дијагностичката сигурност на интерпретација на наодите. Главното прашање кога се следи еден пациент со малигна болест е дали таа прогресира, дали се шири во телото или, пак, пациентот е во стабилна состојба.
Дали оваа камера ја имало досега во приватното или во јавното здравство? Има ли кадар кој ќе може да работи со неа?
МАЈСТОРОВ: Ваков апарат, со СПЕКТ/ЦТ гама-камера првпат добиваме во јавното здравство, а според моите информации го нема во приватното здравство. Нашата институција ќе биде прва која ќе почне да го користи. Располагаме со кадар кој веќе бил на едукација, но и кој допрва ќе се едуцира. Една колешка заминува за кратко време во САД, имаме добра соработка со еден центар во Мичиген, а тоа е преку проектот за едукација што го спроведува Министерството за здравство. Подоцна, во септември ќе оди друга колешка. Независно од овие едукации кои ги спроведува Министерството за здравство, преку нашата проектна активност со Агенцијата за атомска енергија дополнително ќе имаме едукација за уште тројца лекари и за тројца радиолошки технолози кои во текот на годинава ќе се едуцираат во разни центри, главно во Европа и во регионот.
Што велат вашите информации, колку пациенти годишно имаат потреба од оваа здравствена услуга?
МАЈСТОРОВ: Според она што ние го следиме како бројка, годишно станува збор за осум до девет илјади пациенти на кои им е потребно испитување за радиоизотопи. Најзастапени се скенирањето на скелет, тироидните скенирања, скенирањето на срце, но и редица други заболувања како неоиндокрините тумори, бубрежна патологија. Најголем придонес ќе има кај малигните заболувања, меѓутоа и кај кардиолошките бидејќи со оваа техника се овозможува во тој сегмент попрецизна, подобра дијагноза, неинвазивна на кардиоваскуларните заболувања.
Со новиот апарат на Институтот треба да се откријат малигни тумори на тироидеа, паратироидеа, на надбубрег. За овие тумори малку се говори во јавноста. Колку често се јавуваат кај нашите пациенти?
МАЈСТОРОВ: Тенденцијата во светот и кај нас е прогресија на тироидниот карцином. За тоа има повеќе фактори. Еден од нив е раната дијагностика. Испитувањата се вршат почесто, редовно се оди на систематски прегледи или, пак, заради некои други состојби се откриваат тие промени. Меѓутоа, има и други фактори. Секако, тука е зголемената изложеност на зрачењето, како еден важен фактор од околината. Констатацијата е дека секоја година имаме од 40 до 50 нови случаи на пациенти со тироиден карцином. Бидејќи кај оваа популација преживувањето е долго, тоа значи дека и следењето е долго бидејќи на тој начин доаѓа до акумулирање на бројката на пациенти кои ние секојдневно ги обработуваме, третираме и ги следиме. Што се однесува до невроендокрини тумори, тие, сепак, се поретка категорија заболувања. Отприлика, околу дваесет пациенти годишно имаат потреба да подложување на овие техники кои се користат за нивно откривање, дијагностицирање и за следење.
Какви други испитувања се вршат на Институтот за патофизиолoгија и за нуклеарна медицина?
МАЈСТОРОВ: За патологијата на тироидната жлезда на Институтот секојдневно работат три амбуланти кои работат со полн капацитет каде што покриваме значаен сегмент од тие испитувања, од основните, па сѐ до најсофистицираните, како и терапијата која е значајна со изотопи, особено кај пациентите со тироиден карцином во понапредна фаза. Имаме и конвенционални нуклеарно-медицински испитувања кои се работат секојдневно. Имаме испитувања кај деца, особено се испитуваат невроуринарните инфекции, функционалната состојба на бубрезите, од малигните заболувања ги работиме скенирањето на скелет, скенирањето на срце, белодробните испитувања и редица други.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
Фото: Дејан Станчевски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Шок во Бордо: Суботиќ во бесознание, доби удар од голманот на Ст.Етјен
-
Кузмановска: Неспособната власт ги задолжи граѓаните за нови 21,1 милион евра
-
И јас трпев насилство од поранешниот партнер: Министерката си ја отвори душата!(видео)
-
Руси масовно дрифтаат во снег, ни полицијата не им може ништо (Видео)