Веселин Вујовиќ повторно стигна со Загреб до четвртфиналето од Лигата на шампионите, но како што стојат работите овој стручњак на крајот од сезонава ќе го напушти хрватскиот првак. Вујовиќ во разговор за „Вечерњи лист“ откри дека веќе добил неколку интересни понуди, а конечната одлука ќе ја донесе по средбата со раководството на Загреб.
– Имам договор со Загреб на уште една сезона, но со клаузула дека можам да си заминам ако добијам подобра понуда. А понуди дефинитивно има. Веќе ги одбив Висла Плоцк и Ла Риоха, во игра е уште еден квалитетен европски клуб, но не би сакал да го откријам неговото име. Финансиски гледано убедливо најдобри се понудите од Иран и од Катар, каде шеикот на Ал Сад ми рече сам да си ја одредам платата што би сакал да ја земам. Секако дека добро ќе размислам, но најпрвин треба да се сретнам со челниците на мојот сегашен клуб, кои се уште ми немаат закажано состанок – изјави Вујовиќ.
Тој приреди сензација во ЛШ елиминирајќи го Некар Левен во осминафиналето, но во четвртфиналето немаше сили да го запре и дрим-тимот на Пари сен Жермен.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.