Лидерот на СДСМ, Бранко Црвенковски, поднел неотповиклива оставка на синоќешната седница на Централниот одбор. Тој најавил дека нема да се кандидира за нов мандат на партискиот конгрес, кој треба да се одржи на 2 јуни, јавија неколку портали.
„Не ги поддржувавте моите одлуки и затоа се повлекувам. Бидејќи знам да препознаам кога одлуките се носат со срце, а кога само со кревање два прста. Бидејќи не можете да ги поддржите моите одлуки, поднесувам неотповиклива оставка“, им порачал Црвенковски на членовите на Централниот одбор, пренесува „Капитал“.
Со неговата објава и официјално почна трката за неговата позиција. Кандидатурите ќе може да се поднесуваат уште од денеска, а Црвенковски најавил дека наводно нема да застане зад ниту еден од кандидатите. Досега во јавноста се спомнуваа неколку имиња кои би биле можни наследници на Црвенковски. Меѓу најспоменуваните имиња се Зоран Заев, Радмила Шекеринска, Игор Ивановски, Зоран Јовановски, Стево Пендаровски и Кире Наумов, кој е единствен од сите споменати кој јавно потврди дека ќе влезе во трката за претседателското место доколку се овозможат демократски услови за тоа.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


