Најдобро е прво малку да го дотерате со ситни зафати, бидејќи на крај неговата продажна цена може да биде и неколку 5.000 до 10.000 илјади евра повеќе, отколку што би била без средување, а инвестицијата на пример може да ве чини околу 2.000 евра.
Најдобро е да размислувате по фази. Првите фази нека ви бидат покрупните ставки, а потоа нека следат поситните, кои исто така можат да бидат одлучувачки за потенцијалните купувачи.
Прва фаза – изнесете ги непотребните предмети и мебел
Оваа фаза бара мускули, ама е важна, затоа што купувачот сака да замисли како ќе изгледа неговиот дом, а тука никако не се вклопува вашиот стар и дотраен мебел. Бидете темелни и расчистете сè.
Втора фаза – молерисување
Кога ќе го испразните станот, ред е и да го молерисате и да му го вратите првобитниот сјај. Нашминкајте го станот за да заблеска. Цената на метар квадратен на становите, посебно во Скопје, не е евтина и секој купувач сака да има впечаток дека поминал добро. Молерисувањето е евтина инвестиција, а придонесува финалната цена да биде повисока. Само молерисувањето за стан од 60 квадрати, ќе ве чини околу 100 евра, а молерисан стан чини 500 до 1.000 евра поскап од оној кој не е.
Комплетна подготовка на ѕидови, симнување тапети, глетување и молерисување, за просечен стан од 60 квадрати, ќе ве чини околу 400 евра,а доколку се решите да го направите тоа сами, ќе потрошите двојно помалку, а цената на вашиот стан ќе порасне уште повеќе.
Трета фаза – ситни поправки
Не заборавајте да ја поправите и славината која тече, да го прицврстите држачот за пешкири, да го поправите ѕвончето, да ги замените одлепечните плочки, ако имате напукнати стакла на прозорите – заменете ги и нив. Ваквите детали може да го одвратат купувачот. Овие поправки се евтини и брзо се извршуваат.
Завршна фаза – ситни трикови
Кога ќе средите сè и сте подготвени да ги пуштите купувачите во станот, погрижете се да не налетаат на нечист стан. Исчистете го станот за да изгледа репрезентативно, чисто и свежо. Некои од оние кои веќе продавале стан, велат дека се служеле и со трикот со кафето – вареле кафе кога доаѓале потенцијалните купувачи, бидејќи мирисот дава позитивен впечаток и ги инспирира тој простор да го почувствуваат како свој дом, за кој би издвоиле пари колку што ќе побара продавачот.
Подготвени?
Доколку сте ги завршиле сите овие фази, вашиот стан е подготвен за продажба. Тоа значи дека за него ќе можете да постигнете максимална цена, но сепак – не претерувајте и бидете реални. На цената на станот влијае и неговата локација, во кој дел од градот се наоѓа, на кој кат, ориентацијата, а потоа и уреденоста и изгледот на целата зграда. Во зависност од објективните околности и од тоа каде се наоѓа вашиот стан и во каква зграда, одредете ја цената и поставете оглас.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.