За време на денешната посета на мнистерот за одбрана Зоран Јолевски на Унгарија, неговиот колега Иштван Шимичко искажа благодарност за напорите што ги вложува Македонија за успешно соочување со емигрантската криза. Министерот Шимичко истакна дека Унгарија дава целосна поддршка и определеност за интеграција на Република Македонија во евроатлантското семејство.
На средбата тие разменија мислења за последните случувања за емигрантската криза, безбедносната состојба во регионот и Европа пошироко, за следниот самит на НАТО што треба да се одржи за два месеци во Варшава, како и за унапредувањето на соработката меѓу двете земји во областа на одбраната.
Министерот Јолевски истакна дека емигрантската криза со која се соочува Европа е од размери што укажуваат на потребата од координирана и сепофатна стратегија за нејзино надминување. Соработка на сите земји од Европа, вклучувајќи ги тука и тие од Југоисточна Европа е вистинскиот одговор на безбедносните предизвици со кои денес се соочуваат европските земји. Секако дека дел од оваа стратегија треба да биде и Турција, како и другите соседни земји на Сирија и на Ирак. Притоа, неопходно е да се поддржат земјите непосредни соседи на Сирија во нивните напори за обезбедување соодветни услови за мигрантите. Колку поблиску бегалците се до нивните домови, толку е поголема веројатноста тие да се вратат по постигнувањето на мирот во Сирија, истакна министерот Јолевски.
Македонија докажа дека е сериозен партнер во справувањето со сложените безбедносни предизвици. Како дел од Југоисточна Европа континуирано придонесува за евроатлантската безбедност и стабилност. Во тој контекст, активно придонесуваме во колективните напори за соочување со современите предизвици, закани и ризици, истакна министерот Јолевски.
Во текот на разговорите министерот Јолевски ги истакна аргументите зошто Република Македонија заслужува да добие покана за членство во НАТО, и изрази благодарност за континуираната поддршка на Унгарија. Од клучно значење е Република Македонија да го добие заслуженото полноправно членство во НАТО алијансата, што е од особено значење не само за Македонија, туку и за безбедноста и просперитетот во регионот и пошироко.
Министерот Јолевски исто така ја изрази својата благодарност за искажаната поддршка од страна на Унгарија за напорите на Република Македонија за влез во НАТО алијансата, како и помошта укажана за соочување со емигрантската криза.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Унгарската влада за „Макфакс“: Му дозволивме на Груевски да побара азил од безбедносни причини бидејќи беше премиер
-
Унгарија нема да отстапи пред уцените за фондовите на ЕУ
-
Високо одликување за Раде Силјан од Претседателот на Унгарија
-
Нов инцидент со новинарката која шутираше мигранти: Добила забрана за пристап во Парламентот